Повик за апликации за Награда за млади квантитативни умови – „Славица Тодоровска”

Од Здружението за истражување и анализи (ЗМАИ) за првпат објавуваат отворен повик за наградата за млади квантитативни умови – „Славица Тодоровска“.

Од ЗМАИ истакнуваат дека наградата која оваа година се доделува за прв пат, е посветена на Славица Тодоровска, истражувачка, во чест на нејзината посветеност и визија за подобра иднина.

„Во свет кој се менува со неверојатна брзина, потребата за свежи перспективи и иновативни пристапи кон економијата и општествените промени се повеќе од потребни. Младите, со својата креативност и способност да размислуваат надвор од рамката, носат непроценлива вредност. Нашата цел со оваа награда е да ги инспирираме и поттикнеме младите истражувачи да истражуваат и да развиваат иновативни идеи кои ќе ги опфатат актуелните општествени предизвици со кои се соочуваме во моментот“, истакнуваат од ЗМАИ.

Оттаму дополнуваат дека ги повикуваат сите млади да ги поднесат нивните идеи во форма на труд, во кој ќе бидат разработени актуелни општествени проблеми, а во трудот задолжително ќе има квантитативен дел и анализа.

Заинтересираните треба да го поднесат својот труд на пријавата за учество, крајниот рок за пријавување е 15 октомври, а авторите треба да приложат и своја биографија.

Вкупен награден фонд во износ од 1000 евра, од кои се предвидува: 500 евра за прво, 300 евра за второ и 200 евра за трето место.

Од ЗМАИ посочуваат и предлог теми на трудови, но дополнуваат дека авторите не треба да се ограничуваат само на предлозите како: фискални стратегии за одржлив развој, нееднаквост на приходите и економски раст, вработување и динамика на пазарот на труд, економијата на климатските промени, образовни и социјални политики и иднината на монетарната политикa…

„Право на учество имаат сите државјани на Република Северна Македонија на возраст до 30 години. Вработените и членовите на извршните органи во ЗМАИ немаат право на учество на овој повик. Доколку трудот бил претходно објавен или спонзориран од друга организација треба да се наведе соодветна референца на датум и место на објава. Еден автор има право да поднесе само еден труд, самостојно или како коавторство, а трудовите се поднесуваат на македонски или на англиски јазик“, велат од ЗМАИ.