Ѓорѓи Десподов, Клелија Живковиќ, Бурџу Мусли се добитници на наградата „ДЕНЕС“ за млади визуелни уметници

Ѓорѓи Десподов, Клелија Живковиќ и Бурџу Мусли се овогодишни добитници на наградата „ДЕНЕС“ за млади визуелни уметници до 35 години.

Добитниците на наградата ќе ја отворат изложбата на 14 септември 2023 година во Националната галерија на Република Северна Македонија – Чифте амам кога ќе бидат соопштени нивните индивидуални награди и кога со посебна програма ќе се прослави и 20-годишнината од постоењето на наградата „ДЕНЕС“.

Наградата „ДЕНЕС“ се доделува по седумнаесетти пат во организација на Факултет за работи што не се учат – ФРУ, Скопје во соработка со Центар за современи уметности – Скопје, Мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA), резиденциската програма Residency Unlimited (RU), Њујорк и фондацијата Trust for Mutual Understanding, Њујорк

Жири комисијата беше во состав: Мариа Василева, кураторка и директорка на галеријата Структура, Софија; Инга Лејс, кураторка и моментално дел од програмата C-MAP Central and Eastern Europe на МОМА, Њујорк; Ивана Мирчевска, уметничка и добитничка на награда „ДЕНЕС“ во 2022 година; Дита Старова Ќерими, уметница, професорка на Универзитетот Американ колеџ Скопје и директорка на Националната галерија на Република Северна Македонија и Грегори Шолет, уметник, писател, предавач и активист, професор на Квинс колеџ, Градски универзитет Њујорк (CUNY)

Во краткото објаснување од жири комисијата за наградените млади визуелни уметници до 35 години се наведува:

Клелија Живковиќ – Уметницата е необична и неочекувана раскажувачка која користи различни изразни средства за да постигне поетски предлози. Преку различни инсталациски и перформативни практики, таа влегува во сетилата на гледачот/чката на суптилен и провокативен начин, терајќи го/ја да ги прифати нејзините пораки речиси на физичко ниво.

Таа користи фотографски поставки, но акцентот во нејзината работа е повеќе сценски и театрален отколку нарушувачки, и се чини дека произлегува од поетската рефлексија за времето и просторот, меморијата и емоциите, но конкретно, тагата. Јасно е дека нејзината посветеност на производството на уметност ги ублажува овие непосредни чувства на мрак и пропаст со кои уметноста на Живковиќ не поздравува на нашата прва средба.

Ѓорѓи Десподов – Во својата уметност тој комбинира различни средства за изразување – особено графички дизајн и изведба, и ги користи за подиректно преведување на пораки до јавноста. Визуелните кодови на рекламирањето се паметно истражени за да се произведе силен ефект. Тој на разигран и ексцентричен начин му пристапува на дизајнот, и графичкиот и индустрискиот дизајн, во врска со прашања како што се климатските промени и консумеризмот, и секогаш во рамка на научна фантастика. Извршувањето на проектите е со исклучително висок професионален стандард.

Бурџу Мусли – Уметницата има енергија и страст и ги следи речиси интуитивно во нејзината желба да ги разбере сложените околности на светот околу себе. Таа е возбудена од нијанса и она што често го претпоставуваме дека е нетипично, чудно и квир. Таа се потпира на повеќе класични форми на изразување, кои сепак ги надополнува со провокативно значење и емоции. Таа турка нешта, притиска копчиња, турка повеќе сопрузи и дечковци во нејзините слики. Таа ги облекува (изгледа) во бурки и ги принудува да седат во синџири зад неа, јасно превртувајќи го сексистичкиот наратив што вообичаено го среќаваме во родовите односи од овој тип. Тоа е чувство за содржината на делото на Мукли. Официјалната презентација е подеднакво вознемирувачка, со спротивставени графики инспирирани и од дада и од надреалистички колаж, а исто така вклучува и студиски фото-сет-ап, кои очигледно го прикажуваат нејзиното тело сместено во замислени вештачки простори затемнети во многу заситени бои.

Организаторите соопштуваат дека наградата „ДЕНЕС“ во 2023 година го одбележува своето 20-годишно постоење и од оваа година ќе се доделува на годишно ниво на три исклучителни и истакнати тековни уметнички практики кои подразбираат критичко и естетско размислување и дејствување. Ова е  единствена награда за млад(а) визуел(е)н/а уметни(к)/чка во земјава од овој вид.

„Оваа значајна и независна награда, покрај двомесечната програма за престој на уметници во Њујорк во Residency Unlimited, од оваа година за добитниците вклучува и други новини и резиденции. „ДЕНЕС“ исто така овозможува и уникатно искуство на уметниците да бидат дел од специјално наменет едукативен процес во визуелната уметност насловен „Совршениот ументик“, да имаат средби и презентации со интернационална жири комисија и да продуцираат ново дело, во рамки на изложбата како добитници на наградата“, стои во соопштението.

Отворениот повик траеше од 20 април до 31 мај, 2023 година а во разгледувањето беа вклучени уметници кои само во моментот на аплицирање имаат 35 години.

Досегашни добитници на наградата „ДЕНЕС“ се: Ивана Мирчевска, Елена Чемерска, Верица Ковачевска, Зорица Зафировска, Иван Ивановски, Филип Јовановски, Велимир Жерновски, Илија Прокопиев, Кристина Божурска, Ѓорѓе Јовановиќ, Ана Ивановска, Борис Петровски, Атанас Ботев, Далибор Тренчевски, ОПА (Опсесивна посесивна агресија) и Славица Јанешлиева.

БИОГРАФИИ НА УМЕТНИЦИТЕ

Клелија Живковиќ (1989) е трансдисциплинарна дизајнерка од Скопје. Таа ја истражува улогата на дизајнот во обликувањето на општествената и еколошката реалност преку применување на прототипирањето како истражувачки и продукциски формат. Нејзиниот последен проект „Прототипирање на нежноста: личен запис од светот во изумирање“, уметничка книга и изложба поддржани од Студио Приватен Принт, го документира нејзиниот увид во нежноста како квалитет на граница помеѓу две битија, битие и опкружувањето итн. Во 2022 година АИКА Македонија ѝ ја додели наградата „Ладислав Баришиќ“, за нејзиниот истражувачки проект „Дизајн за оживување“, кој ги мапира современите дизајн практики и интерсекционалната екологија кон развивање на дизајн методологија која се занимава со светот обликуван од широката потрошувачка и исцрпувачка на ресурси.

Ѓорѓи Десподов (1996) е мултидисциплинарен уметник роден во Прилеп, во моментов живее во Словенија. Тој работи со виртуелни и аугментативни реални идеи и со употреба на различни дигитални медиуми: илустрација, видео, 3Д анимација и инсталација. Интерпретирањето и употребата на познати предмети се во својство на продолжување на неговите лични искуства изразувајќи ги општите вистини. Десподов создава уметност која ја слави, а истовремено и ја предизвикува средината во која истата се прикажува. Своите додипломски студии ги завршил на Националната Академија за уметност во Софија, Бугарија а е дел од магистерски студии по нелинеарна нарација на Кралската академија за уметност во Хаг, Холандија. Во моментов привршува со едногодишниот ангажман за уметност и наука во лабораторијата ХЕКА во Копер, Словенија. Учествувал на минатогогодишниот фестивал Арс Електроника со работилницата „Dunch at The Holy Crab“ во соработка со Марко Видова, и на неколку други фестивали и групни изложби во Северна Македонија, Словенија, Бугарија, Австрија, Кина, Холандија и Франција. Во 2022 година заедно со интегрираната маркетинг агенција Сејџ Хаус (Кина) ја доби наградата Силвер Стеви за 2022 година за иновација во забавните настани. Во 2021 година Приватен Принт ја објави неговата прва уметничка книга „SKIP AD“ спонзорирана од Фондот за уметност и развој Принц Клаус.

Бурџу Мусли (1997) дипломирала на сликарскиот оддел на ФЛУ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Откако знае за себе ја привлекува се’ што е во врска со уметност – танцувала многу години во клубот „Ритам плус“, модата ја следи од блиску, смислува нови алишта од материјали кои ги поседува и собира. Работи со колажирање, фотографија и дигитално цртање. Има учествувано на многу групни изложби со слики и колажи како што е изложбата на Скала Магазин, изложбата на јапонскиот фестивал „Нихонџи” во 2022 година, и во Паблик Рум. Имала 4 самостојни изложби со дигитални колажи. Првата самостојна изложба ја насловила „Purgatory“ (2020 г.) во МКЦ, втората ја постави во Старата чаршија со организацијата „Млади за Скопје“ (2021 г.) , третата во КСП „Центар-Јадро“ (2022 г.) и во МКЦ.

Краток историјат на наградата „ДЕНЕС“

Во 1990 година Венди В. Луерс, основачка и директорка на Фондацијата за граѓанско општество, заедно со прецедателот Вацлав Хавел и група на уметници дисиденти најпрво ја основале наградата „Јиндрих Чалупецки“ во Чехословачка за да оддаде признание на уметничката изврсност на младите визуелни уметници, под 35 години, и за да им овозможи искуство на резиденцијален престој во САД.

Основачи на наградата во Македонија се Центарот за современи уметности – Скопје во соработка со Фондацијата за отворено општество во Њујорк, почнувајќи од 2002/2003 год. Од 2015 год. водството на организација и имплементација на наградата го превзема организацијата „Факултет за работи што не се учат – ФРУ“. Првичното жири на наградата одлучи да ѝ го даде името по истакнатата уметничка група ДЕНЕС, која постоела во Македонија во периодот од 1953 – 1955 година.

Од 2023 год,  наградата се доделува повторно секоја година на млад/а визуел(е)н/а уметни(к)чка до 35 години. Дополнително, ФРУ ја организира дискурзивно – едукативната програма „Совршениот уметник“, курирана од Ивана Васева, составена од серија на настани со цел да се зајакне и поттикне знаењето на младите визуелни уметници во земјава.

Програмата или мрежата на награди за млади визуелни уметници (YVAA – https://www.yvaawards.org/ ) во текот на неколку години беше востановена како интернационална мрежа на слични награди со поддршка од американската фондација Trust from Mutual Understanding. Денес 12 европски земји се дел од оваа мрежа како: Чешка, Словачка, Хрватска, Косово, Србија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Словенија, Албанија, Бугарија, Унгарија, Црна Гора. Во 2015 година организацијата Residency Unlimited (RU) беше ангажирана како организатор на програмата и како домаќин на резиденцијалната програма во Њујорк.