Американскиот Сенат едногласно ја усвои резолуцијата, предложена од сенаторот на Демократската партија, Брајан Шулц, во која се наведува дека „медиумите не се непријател на народот“.
Шулц при поднесување на предлогот се повика на поранешните американски претседатели Томас Џеферасон, Џејмс Медисон и Роналд Реган, дека слободните медиуми се „интегрален дел од основата на САД“.
Во резолуцијата се осудува нападот врз медиумите како „напад врз демократските институции на САД“.
Резолуцијата се повикува на првиот амандман кој ги штити медиумите од контрола на Владата и од притисоци.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера повторно ги критикуваше медиумите откако американски весници координирано ги осудија неговите напади врз новинари, кои ги обвинува дека шират лажни вести.
„Не постои ништо што повеќе би сакал за нашата држава од вистинска слобода на медиумите. Факт е дека медиумите се слободни да пишуваат се што сакаат, но најголем од тоа се лажни вести, протнување политичка агенда или само обичен обид да им се наштети на луѓето. Чесноста победува“, напиша Трамп на Твитер.
На иницијатива на весникот „Бостон глоуб“, 350 медиуми весници во САД вчера во уводниците ги осудија и отфрлија нападите на Трамп за лажни вести истакнувајќи ја важноста на слободните и силни медиуми.
Трамп редовно во своите изјави ги нарекува медиумите „народни непријатели“ и „лажни вести“, а пред две недели рече дека новинарите „намерно предизвикуваат големи поделби и недоверба“ и дека „може да предизвикаат војна“.