Преку 300 американски медиуми се обединија во кампања против нападите на Трамп

Повеќе од 300 медиуми од Соединетите Американски Држави покренаа кампања со која се спротивставуваат на нападите на претседателот Доналд Трамп и ја промовираат слободата на печатот.

Кампањата ја започнаа од угледниот Бостон Глоуб, кои минатата недела повикаа на национална осуда на „валканата војна“ на претседателот против медиумите, користејќи го хаштагот #НичијНепријател (#EnemyOfNone). Трамп редовно ги критикува медиумските информации како „лажни вести“, додека во последниот период ги нападна новинарите нарекувајќи ги „непријатели на народот“.

Експерти од Обединетите Нации соопштија дека тоа го зголемува ризикот од насилство врз новинарите.

Новинарите од Бостон Глоуб се обврзаа на денеска да напишат уреднички коментар за „опасностите од нападот врз медиумите од страна на администрацијата“, а ги повикаа и другите медиуми низ САД да го направат истото.

Првично повикот го поддржаа 100 новински организации, а бројката досега стигна до нешто под 350 медиуми откако големи национални весници и помали локални медиуми се одѕваа на повикот. Меѓу организациите кои се вклучија во кампањата се и повеќе меѓународни медиуми, како британскиот Гардијан.

Што напишаа весниците?

  • Бостон Глоуб својот уреднички коментар го наслови: „Новинарите не се непријателот“, објаснувајќи дека слободата на печатот е еден од најосновните американски принципи повеќе од 200 години.
  • Њујорк Тајмс избра наслов: „Слободниот печат има потреба од вас“, нарекувајќи ги нападите на Трамп како „опасност по крвотокот на демократијата“.
  • Њујорк Пост, весник кој повеќе застапува десничарски погледи, го прифати повикот на Глоуб со текст: „Кои сме ние да не се согласиме“, во кој велат: „Знае да биде фрустрирачки да објаснуваме дека и покрај тоа што често објавуваме непријатни вистини, тоа не значи дека ние сме лажни вести, но, да се биде новинар не е натпревар во популарност. Сè што можеме да правиме е да продолжиме да известуваме“. Сепак весникот додава: „Дали тоа ќе промени нешто? Ниту малку“.
  • Филаделфија Инквајер напиша дека нивниот град е родно место на американската демократија, додавајќи: „Доколку медиумите не се слободни од одмазда, казна или сомнежи за непопуларни погледи и информации, тогаш не е ниту државата, ниту нејзините граѓани“.
  • Коментаторите од Мек Клачи објавија уреднички коментар во сите 30 дневни весници кои се под нивна сопственост, помеѓу нив и Мајами Хералд, во кој е наведено дека иако ретко зборуваат со еден глас, тоа го прават во овој случај. Во коментарот се додава дека „непријатели на народот“ е: „Начинот на кој нацистите ги нарекувале Евреите и начинот на кој Јосиф Сталин ги етикетирал критичарите на кои им следувала ликвидација“.

Според анкета на Универзитетот Квинипак, објавена во вторникот, 51% од гласачите републиканци веруваат дека медиумите се „непријатели на народот, а не важен сегмент од демократијата“, додека 52% од поддржувачите на републиканците не биле загрижени дека критиките на Трамп можат да водат кон насилство врз новинарите.

Помеѓу сите анкетирани, 65% од нив веруваат дека медиумите се важен сегмент од демократијата, покажува испитувањето на јавното мислење.