Активистот Џошуа Вонг осуден на 13 месеци затвор за протестите во Хонг Конг

Познатиот млад хонгконшки активист Џошуа Вонг заедно и уште двајца негови колеги се осудени на затворски казни поради организирање на антивладини протести во јуни минатата година.

24-годишниот Вонг е осуден на 13,5 месеци затвор, додека неговите соработници, Агенс Чоу (23) и Иван Лам (26) добија по 10 години и 7 месеци затворска казна.

„Следните денови ќе бидат тешки, но ќе издржиме“, рекол Вонг откако го изнесувале од судницата.

Тројцата активисти пред една недела признаа вина по обвинението дека учествувале и организирале нелегален протест пред седиштето на полицијата. Тие тогаш беа членови на сега веќе расформираната политичка партија Демосисто.

Во јуни минатата година десетици илјади луѓе се собраа пред седиштето на полицијата во протест поради примена на прекумерна сила врз демонстрантите. Антивладините протести траеја повеќе месеци.

Вонг од својата 13 година е активен во борбата за демократија во Хонг Конг. Првично стана познат како студентски лидер за време на „Чадор револуцијата“ во 2014 година. Досега повеќе пати беше апсен и приведуван, а против него беа покренати голем број на помали процеси откако во јуни Кина го наметна новиот закон за национална безбедност на територијата на Хонг Конг, со кој значително се ограничи можноста за политички активизам.

Про-демократските активисти ваквите процеси ги одбиваа како кампања против нив за нивно заплашување и малтретирање.

Светските медиуми, меѓу кои и магазинот Тајм, го прогласија Вонг за еден од највлијателните луѓе на светот.