[Видео] Демонстрантите со чадори против полициските пендреци на антивладините протести во Хонг Конг

Антивладините демонстранти во Хонг Конг утрово се собраа низ централните улици и се обидоа да влезат во зградата на владата за време на масовниот протест на годишнината од предавањето на градот-држава под кинеска власт.

Полуавтономниот Хонг Конг претходниов месец е зафатен од големи демонстрации на кои граѓаните бараат повлекување на предлог-законот со кој се прошируваат можностите за екстрадиција во Кина.

На денешниот протест стотици млади, маскирани демонстранти се судрија со полицијата на централниот булевар и неколкуте споредни улички. Еден од демонстрантите за Гардијан изјавил дека бил испрскан со солзавец од специјалните полициски сили.

„Имавме среќа што не бевме сериозно повредени бидејќи полицијата користеше пендреци против луѓето. Се браневме со чадори“, изјавил учесникот на протестот.

На соседните улици дел од демонстрантите поставуваа импровизирани барикади од сообраќајните огради.

Маршевите кои се случуваат во континуитет во последниот период се одговор на сè поголемите стравувања дека Кина, заедно со про-кинеските лидери во Хонг Конг, се обидуваат да ги задушат слободите и културата на градот-држава.

Иако Хонг Конг беше вратен од британската под кинеска власт на 1 јули 1997 година, сè уште има одредена административна автономија под договорот познат како „една држава, два системи“.