Агенција за вработување: Невработени 38 доктори на науки, а најмногу работа има за продавачи

На вкупно 96.728 невработени лица, регистрирани во Агенцијата за вработување, им се нудат приближно осум илјади работни места огласени преку оваа институција. Според последните статистички податоци, стапката на невработеност е 22,6%.

Најбројни се невработените без образование – 41.884 лица, 28.043 се со средно образование, 12.323 со непотполно средно образование, а работа бараат и 12.054 лица со завршен факултет, како и 863 магристри и 38 доктори на науки.

Од понудата на работни места, најмногу се во трговијата на мало и големо, па во преработувачката индустрија и градежништвото. Работодавачите најмногу бараат продавачи (797 огласени работни места), хигиеничари на станбен и деловен простор (634), шивачи (363) и келнери (218).

Од Агенцијата за вработување истакнуваат дека стапката на невработеност од 22,6 отсто укажува на тоа дека Македонија се уште има мошне висока невработеност, а се смета дека, меѓу другото, една од причините е и неусогласеноста меѓу образовниот систем и потребите на пазарот на трудот, која е присутна подолго време.

„Изборот на образование е индивидуално право на секој поединец и при носење на одлука каде да се продолжи со образование, секогаш треба да се има предвид и можноста да се најде соодветна работа по завршување на процесот на формално образование, односно да се има предвид реална потреба од таков образовен профил на пазарот на трудот“, посочуваат од Агенцијата.

Како најголем, скопскиот регион, нуди и најголем број слободни работни места – повеќе од половината. Следуваат Тетово, Штип, Битола и Куманово.

Од анализите на Агенцијата, преработувачката индустрија и во наредниот период ќе бара најмногу нови работници.

Најмногу ќе се побаруваат лица со завршено средно и вишо образование – 51,9%, со основно образование – 28,9%, со високо образование 12,6% и лица со завршено средно и вишо образование – 6,6%.

Најбарани ќе бидат програмерите, машинските инженери, градежените инженери, економистите, докторите по општа медицина, информатички инженери

Со средно образование најбарани ќе бидат комерцијалисти, техничари за помош на корисници, фармацевтски техничари и електротехничари, додека истовремено ќе се бараат и шивачи, продавачи, оператори на полуавтоматска машина, градежни работници, возачи на камиони, келнери

Агенцијата предвидува и потреба и од вработувања на лица со завршено основно образование, а најбарани ќе бидат општи работници, хигиеничари на производствени работни простории, магационерски работници, пеглачи на алишта, доставувачи

Анализата на Агенцијата за вработување покажала дека работодовачите,сепак, се соочуваат со одредени тешкотии при пополнување на работни места, односно не можат да обезбедат работници со соодветно занимање, заради немање доволно работно искуство, немање знаење и вештини за извршување на работните задачи кои ги побарува работното место.

Извор: МИА