2021 со бројни ретроспективни изложби, дали во 2022 ќе вкусиме повеќе нова уметност?

2021 година беше проследена со голем број на изложби, уметнички инсталации, мултимедијални творби инспирирани од најразлични теми, предизвици, ризици и начини на денешното живеење. Покрај појавувањето на нови уметнички имиња, просториите во националните галерии беа исполнети и со изложби на долгогодишни македонски академски уметници, чии дела говорат за нивната умешност во визуелната уметност, пренесува Мета.

Во првата четвртина од 2021 година, беа одбележани 90 години од раѓањето на еминетниот македонски сликар, Иван Велков со поставување на 90 дела од сите творечки фази на уметникот во објектот Чифте амам. Велков е универитетски професор кој припаѓа на повоената генерација уметници. Неговото дејство и збогатување на творештвото е во подем во 1960 година и истото го сместува во рангот на најуспешните македонски уметници. Неговите дела сведочат за вметнување на несекојдневни новитети што самиот ги патентира и одѕиви на светски сликарски техники и практики.

Фото: Национална галерија на РСМ

Јубилејната изложба за 150 години од раѓањето на Ѓорѓи Зографски беше содржана со педесетина дела, портрети од сите сликарски фази на еден од најзначајните македонски сликари зографи. Ѓорѓи е последниот зограф од семејството Рензовци, кој заедно со Димитар Андонов Папрадишки за прв пат кон крајот на 19. век го направил историскиот пресврт поврзувајќи ги двете епохи во македонското сликарство: последните нишки во религиозното сликарство со првите обиди за сликање профани теми.

Фото: Мета.мк

Имавме можност да се восхитуваме на повторната средба со делата на Васко Ташковски, водечки претставник на надреализмот и фантастичното сликарство во Македонија, сликар кој е вечно инспириран од еколошките и космичките теми. Академикот Ташковски е широко афирмиран во Европа и светот и неговото творештво остава значаен и траен белег во македонската современа уметност. Ретроспективната изложба на Ташковски беше отворена во Даут-пашиниот амам во октомври, 2021 година.

„Југословенска метаморфоза“, 1993, фото: Мета.мк

Фото: Мета.мк

Во Музејот на Град Скопје во ноември беше отворена ретроспективната изложба за творештвото на Жарко Јакимовски. Ова беше и првата поставка од ретроспективен вид за овој голем македонски ликовен сликар. За него Златко Теодосиевски ќе напише: „Континуитот во творештво на Јакимовски е течение на една (се разбира трансформативна, еволутивна) ликовна мисла, на еден цврст творечки став, на неприкосновена верба во сопствената уметност“

„И во огнот штом ќе запролети“ е ретроспективната изложба на еден од уметниците – припадници на колективот „Зеро“, Перица Георгиев – Пепси. Уметник чија сликарска способност ги открива скриените тајни мотиви на молчењето што преку силно изразени и јасни бои гласно говорат за она што се случува. Делата запазуваат искреност, ја соголуваат душата, да гледачот кој стои немоќен, да се прикрие пред сликата што му дозволува да ги открие нејзините мотиви, извлекувајќи го на површина она што тој го сокрива.

Фото: Мета.мк

Ретроспективниот приказ на креации од врвни македонски сликари и автори секогаш ќе е од посебна важност за македонската култура и уметност. Она за што се надеваме во годината што започна да се протега пред нас е поголем мотив, повеќе финансиски средства и инспирација ослободена од стегите на мерките за заштита што би довело до нови имиња, нови творби и нови уметници за запознавање.