Повик за учесници на онлајн работилница за младински уметнички проект

КСП Центар – Јадро и уметницата Кристина Божурска објавија повик за учесници на онлајн работилници за споделување уметност, дискусии и креирање заеднички уметнички проект.

Оттаму истакнуваат дека работилниците ќе се одржат преку „Зум“ платформата на 24 и 25 април и 8 и 9 мај и ќе бидат отворени за млади кои се интересираат за теми од нивното општествено опкружување поврзани со современа уметност.

„Ќе се разгледуваат современи уметнички дела, ќе се дискутира за нив и прашањата кои тие ги обработуваат, учесниците ќе споделуваат свои идеи, ќе разменуваат мислења со своите врсници и ќе креираат колажи. Низ целиот процес, преку дискусиите ќе се собере материјал во пишана форма кој ќе биде искористен за изложбата што ќе се одржи во просториите на Јадро. За учество на работилниците не е потребно предзнаење за уметноста или цртачки/сликарски техники“, известуваат од „Јадро“.

Бројот на учесници е ограничен, затоа е потребно претходно пријавување тука.

Кандидатите треба да се средношколци на возраст од 16 до 18 години, да покажуваат интерес за темите на работилницата и да бидат мотивирани за вклучување во заедничкиот уметнички проект.

Рокот за пријавување на работилницата е 16 април.