18-годишниците ќе патуваат бесплатно со воз по Европа

Европската Унија денеска почна со реализација на проектот „Откриј ја ЕУ“ со кој околу 15 000 осумнаесетгодишници, државјани на земјите членки на Унијата, со бесплатна меѓународна железничка карта „интер-рејл“ ќе може да патуваат низ континентот. Средствата се обезбедени во рамки на програмата „Открија ја ЕУ“, а рокот за пријавување е од 13:00 часот на 12 јуни до 15:00 часот на 26 јуни.

Кандидатите треба да се на возраст од 18 години, до 1 јули 2018 година, да се државјани на ЕУ и да се подготвени да патуваат ова лето – во периодот од јули до крајот на октомври 2018 година Младите луѓе ќе можат да патуваат поединечно или во група до пет лица. Како општо правило е тие да  патуваат со воз, но им се обезбедуваат билети за автобус, фериброд и во поретки случаи авион ако до саканата дестинација нема пристап на железница.

Програмата за оваа намена издвои 12 милиони евра и се очекува околу 20 000 млади Европјани да можат да го запознаат стариот континент. На секоја држава – членка на ЕУ, се распределени одреден број билети за патување врз основа на бројката на население. Првиот круг од процесот на аплицирање ќе им овозможи на најмалку 15.000 млади да ја откријат убавината на Европа. Вториот круг е најавен за оваа есен кога ќе бидат достапни уште 5000 билети.

Оние кои сакаат да си обезбедат билет ќе треба да ги остават своите лични податоци, како и информации за планираното патување. Тие исто така ќе треба да го решат квизот од 5 прашања поврзани со Европската година на културното наследство 2018, иницијативите на ЕУ насочени кон младите луѓе и претстојните избори за Европскиот парламент. Конечно, тие ќе мора да одговорат и дополнително прашање за тоа колку млади луѓе мислат дека ќе аплицираат за оваа иницијатива. Одговорите ќе и овозможат на Европската комисија да ги избере кандидатите. Откако ова ќе биде направено, учесниците мора да започнат да патуваат помеѓу 9 јули и 30 септември 2018 година. Тие можат да патуваат до 30 дена и да посетат до 4 странски дестинации.