15.000 научници предупредуваат дека човештвото оди кон катастрофа без промени на односот кон природата

Ново, алармантно „предупредување до човештвото“ напишаа 15 илјади научници од целиот свет за опасностите кои не очекуваат.

Пораката е надоврзување на оригиналното предупредување од пред 25 години, испратено од Унијата на загрижени научници, која тогаш била потпишана од 1.700 научници. Сепак, експертите сега велат дека сликата е многу полоша од онаа во 1992 година и дека скоро сите проблеми кои ги идентификувале тогаш само се влошени.

Човештвото сè уште се соочува со егзистенцијална закана од трошењето на ограничените ресурси поради забрзано зголемување на популацијата, предупредуваат тие. Додека „научниците, влијателните медиумски личности и лаиците“ не прават доволно да се спротистават на тоа, пишува во писмото.

Тие дополнително предупредуваат дека доколку светот не реагира наскоро, ќе има катастрофална загуба на биодиверзитетот и огромна количина на човекова мизерија.

Единствено што е подобрено од првото напишано писмо е дупката во озонската обвивка и научниците го повикуваат човештвото тоа да го користат како пример за тоа што може да се случи доколку се дејствува одлучно. Но, сите други закани се влошиле и предупредуваат дека нема уште многу време пред тие промени никогаш да не можат да се вратат назад.

„Наскоро ќе биде предоцна за промена на курсот од траекторијата на пад и времето изминува. Мораме да сфатиме, во нашите секојдневни животи и во нашите владини институции, дека Земјата со целиот нејзин живот е нашиот единствен дом“, пишуваат научниците.

Во пораката се нагласени голем број еколошки негативности, како катастрофалните климатски промени, отстранување на шумите, масовното изумирање видови, „мртвите зони“ во океаните и непристапност до чиста вода.

„Сега на човештвото му се дава второ предупредување… Ние ја загрозуваме нашата иднина со тоа што не ја зауздуваме нашата интензивна, но географски и демографски нееднаквата материјална потрошувачка и со тоа што придаваме важност на продолжувањето на растот на популацијата, како најголем двигател зад најголемите еколошки и општествени закани“, наведуваат во писмото, објавено во онлајн списанието БиоСајенс, научниците предводени од водечкиот американски еколог, професорот Вилијам Рипл од Универзитетот на Орегон.

„Преку неуспехот соодветно да се ограничи растот на популацијата, да се преиспита улогата на економијата движена од раст, да се намалат стакленичките гасови, да се ограбрат обновливите извори на енергија, да се заштити животната околина, да се обноват екосистемите, да се намали загадувањето, да се сопре загубата на животински заедници и да се ограничат инвазивните видови, човештвото не ги презема итните чекори кои се потребни за да се зачува нашата биосфера под закана“, дополнително стои во писмото.

Во нивното првично предупредување, научниците во кои се вклучени поголемиот дел од добитниците на Нобеловата награда, аргументираат дека човечкото влијание на природниот свет најверојатно ќе води кон „огромна човекова мизерија“.

Новото предупредување, напишано како отворено писмо, го поддржале 15.364 научници од 184 земји во светот, кои се сложиле да го потпишат со своето име и презиме.

Авторите се потпираат на податоци од владини агенции, непрофитни организации и поединечни истражувачи за да го поткрепат нивното мислење дека влијанието на животната средина веројатно ќе нанесе „значителна и непоправлива штета“ на Земјата.

„Оние кои го потпишаа ова второ предупредување не дигаат некаква лажна тревога. Тие ги прифаќаат очигледните знаци дека одиме по неодржлива патека. Се надеваме дека овој текст ќе отвори широка јавна дебата за глобалната животна околина и климатските услови“, вели професорот Рипл.

Напоменето е дека прогресот е направен во некои сфери – како намалување на хемикалиите кои го оштетуваат озонот и зголемување на енергијата произведена од обновливи извори – но овие позитивности се незначителни во споредба со штетните трендови, посочуваат научниците.

Тие потенцираат дека во последните 25 години:

  • Количината на слатка вода по човек, на светско ниво, е намалена за 26%.
  • Бројот на океанските „мртви зони“, места каде е тешко да се одржи животот поради загадување и недостаток на кислород, се зголемил за 75%.
  • Скоро 120 милиони хектари шума се загубени, претежно за обезбедување на обработлива земја.
  • Глобалните емисии на јаглерод и просечните температури покажуваат континуирани значајни зголемувања.
  • Бројот на население е зголемен за 35%.
  • Вкупниот број на цицачи, рептили, водоземци, птици и риби во светот опаднал за 29%.

Професорот Рипл и негови колеги формирале нова, независна организација наречена Алијанса на светски научници, за да ги искажат своите грижи околу еколошката одржливост и судбината на човештвото.