111 оздравени, 23 нови заболени и 4 починати од коронавирусот изминатото деноноќие

Министерството за здравство информира дека во текот на изминатите 24 часа Институтот за јавно здравје регистрирале 111 оздравени пациенти. Најголемиот дел од оздравените се од Куманово (74 лица), па од Прилеп (18) и Скопје (13) додека по еден оздравен пациент има од Штип, Охрид, Битола, Крива Паланка, Пробиштип и Демир Хисар.

Регистрирани се и четири починати лица. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина пациент од Скопје на возраст од 62 години, а во ГОБ „8 септември“ почина пациентка  од Гостивар на 59 години. Починале и две лица од Куманово, на возраст од 72 и 79 години. Една од починатите се лекувала во домашни услови, а другата пациентка се лекувала на инфективното одделение во болницата во Куманово.

Во изминатите 24 часа направени се 386 тестирања, а потврдени се 23 нови случаи на ковид-19 и тоа во: Тетово-6, Скопје-5, Куманово-5, Прилеп-3, Велес-2 и Неготино -2 (лицата заведени во Неготино се жители на Демир Капија).

Со ова вкупната бројка на ковид дијагностицирани во Северна Македонија изнесува 1.465 случаи, бројката на оздравени пациенти е 738 , на починати е 77, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 650.

Од Министерството за здравство соопштија и дека изминатите 24 часа на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби се примени 2 нови пациенти, а вкупно се хоспитализирани 49. На кислородна поддршка се 28, а на механичка вентилација се 2 пациенти.

Во ГОБ „8 септември“ примени се 5 нови, а вкупно хоспитализирани се 24 пациенти. На респираторна машина се 4 пациенти, а уште 3 се со потешка клиничка слика.

Во болницата во Битола се лекуваат 4 пациенти, а на домашно лекување се следат 3. Во болницата во Штип се хоспитализирани 2 пациенти, а уште 5 се следат на домашно лекување.

На ифективните одделенија во Прилеп, Велес, Куманово, Охрид, Гостивар и Тетово се хоспитализирани вкупно 46 позитивни и суспектни на ковид-19.