11 издание на Смотра во Стара битолска чаршија

Мултимедијалниот музички фестивал создаден од млади ентузијасти со цел децентрализирање на електронската музика, Смотра, ќе се одржи на 12 август, сабота, во Старата битолска чаршија.

Со почеток во 21 часот, единаесеттото издание на Смотра е претставено како симбиоза меѓу современа електронска музика и визуелни ефекти во чаршиски амбиент.

Во организација на Асоцијација 615, фестивалот непрекинато се одржува 10 години, а во рамки на фестивалот настапиле над 20 изведивачи како Saso Recyd, Samoil Radinski, Autmind, Herzel, Nikola Rizov, Pass-n-g, Flooder, Tomi Bojadzi, Dejan Dex, DiaH, Vidinovski, Anomania Nativa, T: Zobe, Dj UX…

„Со необичните локации и внимателно селектираните изведувачи кои настапуваат со енергични диџеј сетови и настапи во живо, фестивалот Смотра претставува одлично место за сите перфекционисти и љубители на алтернативната култура“, велат организаторите.

На овогодишното издание на Смотра ќе настапат Dejan Dex, Бодан Јамаковски и Анамарија Трајковска позната и како  Ninhursag.

Организаторите посочуваат дека Dex креативната слобода ја изразува преку музичката продукција од која излегува желбата за создавање музика во многу различни стилови, издадена под неколку псевдоними.

„Pirka, Satya, Afterme, Logos, Zingiber Audio и Welter се само неколку од долгата листа на етикети под кои тој ја издава својата музика. Неговата музичка и уметничка креативност ја изразува во колективите HAUZ и Pirka, каде се јавува како активен член“, велат од Асоцијација 615.

Бодан Јамаковски е  диџеј и продуцент од Скопје кој е инспириран од  изведувачи како Surgeon, Reeko, James Ruskin, и Autechre, Бодан се истакнува со уникатен звук на македонската техно сцена.

„Неговите настапи со светски познати изведувачи како што се Billy Nasty, Reeko, Temudo, Bas Mooy, Polar Inertia, Ness, Ancient Methods, и многу други ги докажуваат неговите способности да се прилагоди на различни музички стилови. Бодан исто така се појавува како организатор на Audioban настаните кои беа вистинско освежување на скопската клубска сцена“, истакнуваат организаторите.

Анамарија Трајковска, битолска диџејка, која на сцената е активна 4 години, а нејзините хаус и техно звуци често се слушаат и на различни настани во повеќе градови.

Основани во 2010 година, Асоцијација 615 стојат зад мотото „Не ја консумирај културата – креирај нова”, а оттаму велат дека организацијата е отворена за сите индивидуи и групи кои преферираат креативни – ментални вежби, за сите оние кои сакаат да се изразат преку било која уметничка форма.