Фондацијата „Славко Јаневски“ го продолжува „Роман на годината“

Фондацијата „Славко Јаневски“ ќе ја продолжи традицијата на доделување на наградата „Роман на годината“ што ја доделуваше сега веќе згаснатиот „Утрински весник“. Станува збор за една од најрелевантните литературни награди кај нас, која, велат од Фондацијата, придонесе многу за расцутот и новата пролет на македонската романсиерска продукција.

„Со оглед на фактот дека со згаснувањето на ‘Утрински весник’ постоеше реална опасност и оваа награда за згасне, Фондацијата што го носи името на авторот на првиот македонски роман, сметаше дека е неопходно да се продолжи оваа, според нас, вредна традиција и затоа ја презедовме обврската да го сочуваме континуитетот на признанието“, соопштуваат од Фондацијата.

Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ е формирана во ноември 2017 година од повеќе искусни новинари и уредници во некогашниот „Утрински весник“ – Бранко Тричковски, Ерол Ризаов, Манчо Митевски, Љупчо Поповски, Ѕвездан Георгиевски и Катерина Богоева. Претседател на Управниот одбор е Јана Јаневска Терзиоска, ќерка на Славко Јаневски.

Радио МОФ веќе пишуваше за иницијативата за „Роман на годината“. Повеќе новинари, писатели и академици укажаа дека „Роман“ мора да опстојува, како традиција во функција на литературата, и културата во земјата воопшто.

Како „Роман на годината“ да продолжи без „Утрински весник“

„Роман на годината“ е само еден од пунктовите на која ќе се базира работата на Фондацијата. Најавени се и активности кон творештвото на Славко Јаневски, авторот на првиот македонски роман „Село зад седумте јасени“. Овој роман освен како историски факт, прилично е непознат на македонската научна, но и поширока јавност.

Имено, тој е објавен во 1952 година и од тогаш не е преобјавен. Самиот Јаневски, напоменува Фондацијата, извесно време по објавувањето, практично се откажува од авторството на романот, објавувајќи ја неговата преработена верзија во 1965 година, под наслов „Стебла“.

„Образложението на авторот е дека по објавувањето на романот, тој созреал во своето сфаќање на романсиерската литература. Во таа смисла, ‘Село зад седумте јасени’ повеќе не ги задоволувал неговите естетски и занаетчиски критериуми, па затоа го преработил. Меѓутоа, токму повлекувањето на романот и неможноста тој да се најде на книжевниот пазар во целиот овој повеќедецениски период овозможи околу него да се појават низа шпекулации, лаги и полувистини, а овие теории на заговор се засилија во периодот на срамната лустрација на авторот. Затоа Фондацијата реши да го преобјави овој роман во едно капитално дело, каде што во една книга би се нашле двете верзии – ‘Село зад седумте јасени’ и ‘Стебла’ што би овозможило, првин увид во разликите меѓу романите и компаративно согледување на решението на авторот и, второ, би го спасило македонскиот прв роман од заборав“, велат од Фондацијата.

Пронашле едно непознато сценарио на Јаневски за долгометражниот филм „Деветиот задгробник“. Го карактеризираат како интересно четиво, научно-фантастичен хорор, па Фондацијата планира да го објави сценариото како книга, заедно со уште две други негови познати сценарија: „Македонскиот дел од пеколот“ и „Јазол“.

Исто така, предвидуваат и објавување на еден годишник под наслов „Архив Јаневски“, каде што ќе се објавуваат сите артефакти врзани за животот и делото на Јаневски: фотографии, интервјуа, предмети, автографи, посвети, цртежи, ракописи… „На овој начин сакаме да го приближиме творечкиот процес на уметникот до читателот, да ги сочуваме артефактите од заборав и да дадеме значаен прилог во проучувањето и толкувањето на неговиот опус“, велат луѓето што ја формираа „Славко Јаневски“.

Понатаму, планирана е и поддршка на млади автори, како една од суштинските цели на Фондацијата. Ова значи, во согласност со средствата, ќе се прават работилници за креативно пишување и работилници за негување на критичка мисла. Во овој дел влегува и идејата за објавување своевидни уреднички зборници, каде ќе се појавуваат млади автори кои под менторство на искусен уредник би пишувале раскази на зададени теми и жанрови.

„Покрај алманахот ‘Архив Јаневски“, Фондацијата ќе издава списание за културни и општествени прашања ‘Дебата’, кое ќе треба да ги собере најеминантните автори во регионот на одредени теми. Списанието во секој број ќе има свој темат. За пример ќе наведеме неколку теми: ‘Култура на сеќавањето’, ‘Јазикот и идентитетот’, ‘Култура на владеење’, ‘Историското наспроти историјата’ итн. Фондацијата ќе биде организатор и коорганизатор на повеќе панел-дискусии, дебати, изложби, мини и камерни концерти, промоции и други активности во зависност од потребите“, најавуваат од Фондацијата.

Инаку, Фондацијата „Славко Јаневски“ како непрофитна организација, главно ќе се финансира од донации.

„Успешните брендови уште одамна значат многу повеќе од графичко лого и претставуваат целокупно искуство, карактер, услуга… Во последните неколку години, брендовите со општествена цел заземаат се поголем замав“, стои во соопштението.