Златко Панзов ја доби наградата „Драги“ за преводот на унгарскиот роман „Заробеништво“

Златко Панзов ја доби наградата „Драги“ за најдобар превод за делото „Заробеништво“ од унгарскиот писател Ѓерѓ Шпиро.

Романот на македонски јазик е во издание на „Артконект“. Комисијата за доделување на наградата беше составена од Јана Михајловска, Лидија Капушевска- Дракулевска и Милан Дамјановски.

„Златко Панзов успешно се справил со предизвиците на преведувањето и сосема солидно го пренел
историскиот, нималку лесен, дискурс во духот на македонскиот јазик. Преводот на ова волуминозно дело, и по обем, и по содржина, несомнено, изискува голем труд, посветеност и истражувачка работа. Дијалозите се спонтани, а драматичното преплетување на историските факти и фикцијата, во симбиоза со психологијата на главниот лик, нудат несекојдневно читателско искуство“, се вели во одлуката.

Се работи за комплексен историско-авантуристички роман сместен во времето на Римското царство од добата на Јулио-Клавдиевската династија во 1. век од новата ера.

Информацијата за наградата беше соопштена денес на свечен настан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во рамки на 9. издание на Фестивалот за европска литература „Букстар“. Во потесниот избор за наградата „Драги“ влегоа преведувачите Анастасија Ѓурчинова, Златко Панзов, Иван Шопов, Љубица Арсовска и Никола Ѓелинчески.

Денес се додели и интернационалната награда „Драги“ за најзначаен превод на македонски автор на странски јазик на превeдувачката Александра Јоаниду за преводот на книгата „Мојот маж“ од Румена Бужаровска на грчки јазик.

Никола Ѓелинчески се стекна со специјална признание-плакета за продолжување на преведувачката традиција и креативниот дух на Драги Михајловски за неговиот превод од шпански јазик на „Претпесни на постшпански и други песни“ од Хорхенрике Адум во издание на Алеф публикации.