Македонски преведувачи на драмски дела прогласени меѓу најдобрите во Европа

Македонските преведувачи Атанас Вангелов, Катица Гароска Ацевска и Благоја Бошковски се најдоа на листата за најдобри преводи на драмски дела на европско ниво за 2021 година. Тие се натпреваруваа заедно со уште 340 други пријавени преводи од цела Европа.

Македонскиот комитет на Еуродрам – Европската мрежа за современа драма и превод, разгледала вкупно девет предложени преводи, од кои како најдобри ги избра:

  • „Праведници“ од Албер Ками, во превод од француски на Атанас Вангелов
  • „Од сабајле не сум запрел“ од Уна Визек, во превод од хрватски на Катица Гароска Ацевска и
  • „Диши“ од Данкан Мeкмилан, во превод од англиски на Благојa Бошковски.

Исто така, меѓу најдобрите од два други јазични комитети се најдоа и преводите на две драми од македонски автори: „Изгубени Германци“ од Дејан Дуковски, во превод на босански/црногорски/српски/хрватски од Лука Сушиќ и „Така било пишано“ од Сашко Насев во превод на украински од Ана Багрјана.

Наградените преводи ќе бидат споделени во мрежата на Еуродрам, а доколку условите дозволуваат, ќе бидат претставени преку јавни читања во 2021 година.

Атанас Вангелов е универзитетски професор по литература (во пензија), книжевен критичар и преведувач. Од француски јазик превел значајни теоретски студии, како и делата на Цветан Тодоров: Поетика (1990), Спроти екстремноста (2000), Одродениот човек (2001) и Должности и наслади (2005). Преводот на драмата „Праведници“ од Албер Ками е значаен и по тоа што е прв превод на ова дело на македонски јазик. „Праведници“ (1949) има своја прозна верзија во романот „Чума“ (1947) и филозофска во книгата „Побунетитиот човек“ (1951). Иако во времето на нивното настанување овие дела на Албер Ками ќе предизвикаат духовен потрес во интелектуална Европа, драмата „Праведници“ досега не е изведувана во македонските театри.

Катица Гароска Ацевска е долгогодишна преведувачка од англиски, француски, српски/ хрватски/босански и од бугарски на македонски јазик. Превела дела од познати писатели меѓу кои се: Арундати Рој, Џ. Д. Селинџер, Филип Рот, Маргерит Јурсенар, Вирџинија Вулф, Ф. С. Фицџералд, Јукио Мишима, Филип Давид, Мирко Ковач и Данило Киш. Добитничка е на наградата за книжевен превод „Златно перо“ за 1999 година. Драмскиот текст што го преведе Катица Гароска Ацевска – „Од сабајле не сум запрел“ на хрватската писателка Уна Визек (1976), бил праизведен во загрепскиот театар „Керемпух“ и добил повеќе награди, меѓу кои и националната награда „Марин Држиќ“ за 2017 година.

Благоја Бошковски студирал англиски јазик и книжевност во Скопје. Негови драмски преводи од англиски јазик биле играни во повеќе македонски театри: „Диши“ од Данкан Мекмилан, ДТС, 2020; „Бесачи“ од Мартин Мекдона, МНТ, 2019; „NSFW“ од Луси Кирквуд, ДТС, 2019; „Фестен“ од Дејвид Елдриџ, ДТС, 2018; „Полковникот од Инишмор“ од Мартин Мекдона, ДТС, 2006; „MKD Twilight Zone“ – компилација текстови од Дејвид Ајвс, НТ Битола, 2000; „Тхе Ловер“ – компилација текстови од Дејвид Ајвс, Керол Черчил и Харолд Пинтер, ДТС, 1998.

Изборот на најдобри драмски преводи во Европа за 2021 година му е посветен на Марсел Куртијаде (1953-2021), француски лингвист, предавач на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации во Париз, член на Еуродрам и познат истражувач и афирматор на ромскиот јазик и култура.

Списокот на најдобри драмски преводи на македонски и на други европски јазици за 2021 година е достапен на следниот ЛИНК.

Еуродрам е европска мрежа за современа драма и превод, која опфаќа повеќе од 300 членови организирани во 29 јазични комитети меѓу кои е и македонскиот комитет. Главна цел на мрежата е да го поттикне преводот  на современи драмски дела од Европа, Централна Азија и Медитеранот, правејќи ги достапни за театарските професионалци и публиката, во духот на независноста, рамноправноста и јазичната разновидност.

Во парни години, секој јазичен комитет на Еуродрам избира три оригинални драмски дела напишани на јазикот на тој комитет и ги препорачува за превод на други европски и блискоисточни јазици. Во непарни години, комитетите избираат три најдобри преводи на нивниот јазик со цел да се препорача нивното објавување и  изведување.

Членови на Македонскиот комитет на Еуродрам се: Катерина Коцевска, актерка, драмска писателка и директорка на Драмски театар од Скопје; Фроса Пејоска-Бушеро, преведувачка и професорка на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации во Париз; Александар Зицман, преведувач и предавач на Катедрата за славистика на Универзитетот во Виена; и Иван Додовски, театролог, писател и професор по критичка теорија и литература на Универзитетот Американ колеџ Скопје.