Доделени награди за најдобрите наставници и стручни соработници од Општина Карпош

Во пресрет на 24 мај, Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј, општина Карпош ги додели признанијата за најдобар одделенски и предметен наставник, како и стручен соработник.

Покрај признанијата, Општината ќе ги награди годинешните лауреати и со по 10.000 денари, а оваа манифестација Карпош планира да се востанови и како традиција за во иднина.

„Навистина, не секогаш е лесно да се направи избор на најдобрите, но, се надевам дека овие три признанија ќе го мотивираат колективот во секое училиште. Затоа што квалитетни, професионални и креативни наставници значат и подобри генерации на ученици“, рече денеска градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев, кој ги доделуваше наградите во еко-училницата на ООУ „Димо Хаџи Димов“ во Влае.

За најдобар одделенски наставник избрана е Билјана Петрова од основното училиште „Петар Поп Арсов“.

За најдобар предметен наставник избрана е Виолета Панев, наставничка по англиски јазик во ООУ „Владо Тасевски“.

За најдобар стручен соработник – педагог, избрана е Даниела Панајотова од ООУ „Петар Поп Арсов“.

Инаку, локалната самоуправа претходно распиша повик за наставници од десетте основни училишта. Посебно формирана комисија, составена од членови на Советот и стручни служби од Одделението за образование ги разгледаа сите пристигнати предлози и направија избор на најдобрите.

Градоначалникот Богоев зборуваше и за активностите во основното образование. Тој рече дека општината во учебната година обезбедила ИТ опрема за сите училишта, средства за дезинфекција, а продолжила и со тековното подобрување на инфраструктурата во училиштата.

„Една од основните цели кои си ги поставивме е секое училиште да има сензорна соба за ученици со попреченост, како и еко – училница за настава на отворено“, нагласи Богоев.