Ленче Здравкин и Денис Јанкуловски се добитници на државната награда „Мето Јовановски“ за 2022

Хуманитарката Ленче Здравкин и здравствениот работник и активист Денис Јанкуловски се добитници на државната награда „Мето Јовановски“ за оваа година, соопшти Министерството за култура.

Оваа награда се доделува како највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа  на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права.

Ленче Здравкин, уште од почетоците на бегалската криза која го зафати Балканот, помагаше на бегалците кои транзитираа низ Македонија. Како хуманитарка и борец за унапредување на човековите права таа постојано обезбедуваше храна, облека и место за одмор на илјадниците луѓе кои бегаа од војни и конфликти, а често беше присутна и во транзитните центри во „Винојуг“ и „Табановце“.

Денис Јанкуловски познат и по прекарот „Космонаутко“ е здравствен работник кој како дел од тимовите кои земаа брисеви на почетокот на пандемијата со Ковид-19 ги едуцираше, охрабруваше и забавуваше своите пациенти како и македонската јавност. Тој истовремено е и активист од здружението „Аутизам ААМК“ кое се залага за зголемување на свеста за лицата со нетипичен развој, нивна поголема вклученост во општеството, прифаќање и почитување.

Денис Јанкуловски: Да дадеме шанса на лицата со нетипичен развој и нивниот потенцијал

Наградата на добитниците ќе им биде врачена на 10 декември 2022 година (сабота), во 12 часот, во Собранието на Република Северна Македонија.