Новинарите Николовски и Марку добитници на наградата „Мито Хаџи Василев-Јасмин“

Новинарите Аделина Марку и Марјанчо Николовски ја добија државната награда „Мито Хаџи Василев-Јасмин“ за остварување во областа на новинарството, додека публицистите Тошо Филиповски и Томислав Кежаровски за остварување во областа на публицистиката.

Министерството за култура информираше дека наградата ќе им биде врачена на добитниците на 21 декември во 12 часот во Собранието. Наградата се доделува на истиот датум кога е роден Мито Хаџи Василев-Јасмин.

Хаџи Василев-Јасмин е наречен „првото перо“ на македонското новинарство и публицистика, а бил и прв претседател на Здружението на новинарите на Македонија.

Наградата за првпат е доделена во 1969 година.