Објавен конкурсот за доделување на државната награда „Мајка Тереза“

Министерството за култура информираше дека е објавен конкурсот за доделување на државната награда „Мајка Тереза“ во 2022 година. Со неа се оддава признание за остварувања во областа на хуманоста и човечката солидарност и за поттикнување и унапредување на меѓусебното разбирање и развој на соработката како меѓу народите, така и меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери.

Наградата се доделува на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани од земјава, а под услови определени со конкурсот, може да се додели и на странски државјани, група творци, екипи и институции од странство.

  • На награден поединец му се доделува диплома и паричен износ.
  • На секој член од наградена група творци или екипа му се доделува диплома и еднаков дел од паричниот износ.
  • На наградена установа, трговско друштво или здружение на граѓани им се доделува диплома и плакета.
  • Паричниот износ на државната награда „Мајка Тереза“ изнесува пет (5) просечни месечни плати во Република Северна Македонија исплатени во последните три месеци од тековната година.

Иницијатива за доделување на државната награда „Мајка Тереза“ може да поднесат установи, трговски друштва, здруженија на граѓани и граѓани.

„Подносителите на иницијатива за доделување на државната награда треба подробно да ја образложат иницијативата. Во текстот треба да се содржани и: прецизни биографски податоци, точна адреса на живеење (улица и број, место, град, држава), податоци за остварените резултати во областа во којашто е постигнато остварувањето и други податоци за кои се смета дека ќе придонесат во оценувањето, како и соодветна документација со која би се потврдиле податоците. Подносителот на иницијативата мора да го наведе своето целосно име и презиме, назив, фирма, адреса и телефон“, стои во објавата за конкурсот.

Текстот на иницијативата, од Министерството за култура велат дека треба да се достави во 15 примероци, а трудовите (книги, публикации) се третираат како прилози и треба да се достават во еден примерок.

Адресата на којашто треба да се достават иницијативите е Министерство за култура на Република Северна Македонија – Одбор за доделување на државната награда „Мајка Тереза“, ул. „Ѓуро Ѓаковиќ“ бр. 61, Скопје, Република Северна Македонија.

Конкурсот трае од 1 до 30 април.