Марковски, Христовска и Ќушкоски добитници на наградите „Скрипт Фест“ за најдобри сценариа

Стефан Марковски, Оливера Христовска и Анастас Ќушкоски се овогодишните добитници на наградите за најдобро сценарио на конкурсот кој го распиша Меѓународниот фестивал на филмски сценарија „Скрипт фест“.

Фестивалот на филмските сценарија ќе се одржи на 16 мај 2022 година со почеток во 12 часот во Домот на културата Кочо Рацин во Скопје, а признанијата „Скрипт фест 2022“ ќе ги врачи селекторот Гоце Ристовски, универзитетски професор и декан на Интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“ од Скопје.

Од „Скрипт фест“ соопштија дека на конкурсот свои сценарија испратиле следниве автори: Тихомир Диковски, Владо Јаневски, Теа Павлова, Леонид Велковски, Игор Поп Трајков, Моника Рујаноска, Христијан Крстевски,  Анастас Ќушкоски, Андриана Ангелова, Оливера Христовска, Иво Митев – Жиле, Лука Јованоски, Андреј Ристиќ, Стефан Марковски, Кирил Максимоски, Изабела Јакимова, Зоран Митровиќ, Ангела Бошкоска и Катерина Николовска.

На Фестивалот ќе биде одржана и трибина на тема „Од сценарио до филм“, која ќе ја води проф. д-р Христо Петрески.

Годинашни организатори на Фестивалот Скрипт фест се Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација Македонија Презент – Скопје и Домот на културата „Кочо Рацин“ – Скопје.