Рускиот опозиционер Алексеј Навални ја доби Сахаров наградата за слобода на мислата

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални кој е во затвор, ја освои овогодишната награда на Европскиот парламент за човекови права, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Одлуката за наградата ја објави најголемата пратеничка група во Европскиот парламент, Европската народна партија (ЕПП),  во понеделникот на Твитер.

Досегашни добитници на наградата Сахаров за слобода на мислата во износ од 50.000 евра, именувана по советскиот дисидент Андреј Сарахов, беа јужноафриканскиот претседател Нелсон Мандела, венецуелската демократска опозиција и пакистанската активистка за образование Малала Јусафзаи.

Навални кој беше отруен во август минатата година, издржува затворска казна од две и пол години во Русија за кршење на условна казна.

Европската Унија воведе санкции против руски службеници поради затворањето на Навални. Официјална Москва негира било какво злосторство и ја обвинува ЕУ дека се меша во нејзините внатрешни прашања.