Претставата „Ана Каренина“ на Пројковски победник на „Денови на Нушиќ“

Претставата „Ана Каренина“ во режија на македонскиот режисер Дејан Пројковски беше прогласена за победник на завршната вечер на 39-тото издание на престижниот Театарски фестивал „Денови на Нушиќ“ кој се одржа во Смедерево, Србија.

Претставата, која е во продукција на Новосадско Народно Позориште – Нови Сад победи во конкуренција со претстави на Народно позориште – Суботица, Ателје 212 – Белград, Народно позориште – Белград и Београдско драмско позориште – Белград, а за победникот одлучуваше жири-комисијата во состав: Исидора Миниќ, Слободан Бода Нинковиќ и Милорад Мики Дамјановиќ.

„Претставата „Ана Каренина“ е моќно театарско доживување. Режисерот Дејан Пројковски со многу малку текст, користејќи го романот на Толстој речиси како синопсис, успева да раскаже возбудлива приказна за судбината на жената – човекот растргнати меѓу општествените норми и своите чувства. Низ многу модерен израз, сложувајќи слики од животите на јунаците, во драматичната сценографија, а сето ова поддржано од врвната игра на целиот ансамбл, добивме фантастична, возбудлива, несекојдневна, раскошна изведба на големиот класик. Се надеваме дека оваа претстава ќе ја подигне „пречката“ на нашиот театар и ќе стане стандард во поглед на театарската уметност“, стои во образложението на жири-комисијата.

На ова издание на „Денови на Нушиќ“, наградата за животно дело му беше доделена на легендарниот актер на просторите на поранешна Југославија, Богдан Диклиќ.

Наградите на Театарскиот фестивал „Денови на Нушиќ“ овој пат, под мотото  „Приказните наши, приказните насушни“, ја зголемија богатата колекција од 23-те награди кои овој театарски продукт на Пројковски ги доби во последните две години. Имено, „Ана Каренина“ ги понесе наградите на сите релевантни фестивали во Србија во изминатите две години, како што се фестивалот на професионални театри на Војводина, „Тврѓава“ фестивал, на фестивалот „Борини театарски денови“ во Врање, „Театарска пролет„ во Шабац… Актерката Марта Береш, пак, за улогата на Ана Каренина е прогласена и за најдобра актерка во Унгарија.

Деновиве, нашиот Дејан Пројковски почна со подготовките на проектот „Инферно“ според „Пеколот“ од Данте Алигиери, во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“.