Денис Јанкуловски: Да дадеме шанса на лицата со нетипичен развој и нивниот потенцијал

Во Детскиот креативен центар во МКЦ на 27 октомври од 12 до 14 ќе се одржи вториот „Необичен роденден“.

Организаторот Денис Јанкуловски, активист од „Аутизам ААМК“, за Радио МОФ потенцира дека ова е настан за забава и дружење меѓу лицата и децата со нетипичен и типичен развој. Настан каде, вели тој,  не прават никакви разлики, туку гледаат со срцето.

Денис Јанкуловски

„‘Необичен роденден 2’ е настан за зголемување на свеста за лицата со нетипичен развој, нивна поголема вклученост во општеството, прифаќање и почитување. Тоа е едноставно како след на претходниот настан, со кој, и лани докажавме дека овие лица сакаат и заслужуват да бидат вклучени во секојдневието. Но, не само што тие сакаат, ние успеавме да докажеме дека децата и лицата со типичен развој, оние што ги знаеме, ги прифаќаат и сакаат да бидат заедно и да растат заедно со нив“, потенира Јанкуловски.

Од една страна, вели тој, се’ повеќе се зборува за инклузија, меѓутоа не треба да остане декларативно на тоа дека „сме за“, а практично да ја нема таа инклузија.

„Лицата со нетипичен развој се дел од нас. Меѓутоа, ние треба и да видиме какви се нивните можности, што сакаат да прават. Некој сака да црта, да глуми, пее, пишува… Можат тоа да го прават. Само треба да им подадеме рака, односно, како што велам јас – да им дадеме шанса, со која ќе ги покажат сиот потенцијал“, вели Јанкуловски.

Тој нагласува дека граѓанскиот сектор вложува многу енергија и активности за инклузијата. Меѓутоа, дополнува тој, за да може ефектот да биде максимално постигнат, потребна е корелација и соработка со државата.

„За жал, се уште институционално постои таа некоја стигма. Можеби декларативно постои желбата за промена, но работата некако оди тешко. Треба соработка, зајакнати односи, таа соработка да биде меѓу граѓанскиот сектор, институциите и, секако, лицата со нетипичен развој, родителите, старателите, наставниците, секој што активно би се вклучил во борбата за подобро утре“, констатира Јанкуловски.

Тој ги повикува сите да дојдат на „Необичен роденден 2“, па заедно да пејат нови песни, да цртаат и бојат, да уживаат во пантомима, магија, да играат зумба, да гледаат интересна претстава.

„Донесете насмевки, донесете позитивна енергија, едноставно дојдете. Ваше е да дојдете, да се забавувате, да се веселите и дома да си одите задоволни за еден прекрасно поминат ден“, се вели меѓу другото во најавата за настанот.

Исто така, на „Необичен роденден 2“ може да се вклучи секоj како може, со својата стручност (логопеди, дефектолои, психолози…) или, едноставно, да фрли рака помош.

„Доволно е да ми се обратите со порака и веќе сте дел од тимот.  Затоа што, нели, заедно е поубаво“, потенцира Јанкуловски.

 

Бојан Шашевски