19 преведувачи во првиот круг за наградата најдобар превод „Драги“

Жири комисијата во состав Јана Михајловска (библиотекар и претседател на Библиотекарското здружение на Македонија; претставник на семејството на Драги Михајловски), Лидија Капушевска-Дракулевска (професорка на Катедрата за општа и компаративна книжевност и книжевна критичарка и теоретичарка) и Милан Дамјановски (професор на Катедрата за англиски јазик и книжевност и преведувач) формирана за наградата „Драги“ одлучи дека во првиот круг на селекција влегуваат 19 изданија од 9 издавачки куќи и едно самостојно издание.

Одбраните преведувачи се:

Алида Муча за преводот од албански јазик на „Премин во времето“ од Миѓен Келменди, во издание на Темплум.

Анастасија Ѓурчинова за преводот од италијански јазик на „Пет куси романи и неколку раскази“ од Наталија Гинзбург во издание на Артконект.

Ацо Пероски за преводот од англиски јазик на „Далеку од Ирска“ од Вилијам Тревор во издание на Или-или.

Давор Стојановски за преводот од словенечки јазик на „Пчелно семејство“ од Ања Мугерли во издание на Антолог.

Дејан Василевски за преводот од српски јазик на „Капут од мов“ од Стефан Тиќми во издание на Арс Либрис.

Ѓургица Илиева Нацкова за преводот од англиски јазик на „Мачкино око“ од Маргарет Атвуд во издание на Антолог.

Златко Панзов за преводот од унгарски јазик на „Заробеништво“ од Ѓерѓ Шпиро во издание на Артконект.

Иван Шопов за преводот од хрватски јазик на „На работ од паметот“ од Мирослав Крлежа во издание на Бегемот.

Јовица Ивановски за преводот од српски јазик на „Земјата под абажур“ од Драгослав Дедовиќ во издание на ПНВ Публикации.

Катерина Јосифоска за преводот од германски јазик на „Тил“ од Даниел Келман во издание на Артконект.

Катица Гаровска Ацевска за преводот од бугарски јазик на „Абсолво те“ од Георги Бардаров во издание на Полица.

Лара Прокопиева за преводот од шпански јазик на „Во понеделник ќе нѐ сакаат“ од Наџат ел Хачми во издание на Антолог.

Лидија Танушевска за преводот од полски јазик на „Сите војни на Лара“ од Војќех Јагелски во издание на Славика либрис.

Љубица Арсовска за преводот од англиски јазик на „Елизабет Финч“ од Џулијан Барнс во издание на Артконект.

Марија Гиревска за преводот од англиски јазик на „Џакомо Џојс“ од Џејмс Џојс во издание на Марија Гиревска.

Никола Ѓелинчески за преводот од шпански јазик на „Претпесни на постшпански и други песни“ од Хорхенрике Адум во издание на Алеф публикации.

Никола Маџиров за преводот од англиски јазик на „Арарат“ од Луиз Глик во издание на Артконект.

Сашо Огненовски за преводот од српски јазик на „Деца“ од Милена Марковиќ во издание на ПНВ Публикации.

Снежана Стојчевска за преводот од српски јазик на „88“ од Надија Реброња во издание на ПНВ Публикации.

За наградата „Драги“ првично беа номинирани 39 преведувачи од 17 издавачи и две приватни изданија.

Наградата беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951-2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со преводите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон итн. Објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше и на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор.