Седум „хорор приказни од работнички“ прочитани пред МТСП по повод 1 Мај

„Понекогаш работиме со недели, без слободни денови, без да знаеме дали ќе работиме во недела или не. На крајот на работната недела, во сабота, тие само ни велат „Дојди утре на работа“ и не нè прашуваат дали можеме, дали сме уморни, дали можеме да работиме дента. После повеќе случаи, овде ќе ви ја кажам последната случка што мене ми се случи. Во саботата ни рекоа да отидеме на работа во недела и ни рекоа дека ќе завршиме порано, најдоцна до три часот попладне. Ние ќе завршиме и ќе може да си отидеме дома. И така, во неделата сите ние отидовме на работа и во три часот кога почнавме да се подготвуваме за да си одиме дома, шефот дојде и почна да ни вика сите да се вратиме назад на работните места бидејќи ни останало уште многу работа што треба да се заврши. Кога ние почнавме да се жалиме дека ветено ни беше дека работното време ќе заврши во три часот и дека сите имаме фамилии и дека ни треба еден слободен ден за да ги видиме нашите деца и нашиот дом, шефот ни се закани дека не можеме да си отидеме додека не ја завршиме целата работа и дека тој што сака да си оди нема да добие дневница“.

Ова е само едно од сведоштвата на македонските работнички објавени во книгата „15 хорор приказни од работнички“. Рано изутринава четири активистки читаа дел од овие приказни пред Министерството за труд и социјална политика со цел да им го пренесат на надлежните „хоророт“ кој се случува во македонските фабрики.

„Влегуваме во мај, месец кога ги славиме работничките права. Бевме инспирирани и поттикнати да направиме нешто во однос на тоа да ја кренеме свеста и да ги потсетиме институциите кои се одговорни и релевантни во однос на спроведувањето и практикувањето на работничките права. Особено оние работнички права во фабрики каде што општо познато е дека работат жени и фабрики во кои работничките права се почитуваат на најниско можно ниво. Оттука се сетивме дека всушност постои една збирка на приказни која ја има подготвено Кристина Божурска, која е наша соработничка“, објаснува Елена Данова, дел од младинската невладина организација „Еквалис“.

Книгата „15 хорор приказни од работнички“ е дело на авторката Кристина Божурска, а сведоштвата се собрани во периодот на 2015 година. Младинската активистичка акција се одржа по повод 1 Мај, Меѓународниот ден на трудот, а беше организирана од младинската невладина организација „Еквалис“, кои слободно ги превеле расказите на македонски, албански и ромски.

Алмира Фасли пред Министерството за труд и социјална политика

Данова потенцира дека биле избрани седум сведоштва од збирката раскази кои органиавијата сметала дека треба да бидат слушнати од Министерството за труд и социјална политика, при што ќе биде слушната приказната на вистинските луѓе, од секојдневието, од оние луѓе кои одлучуваат за правата на овие работнички и за условите во кои тие работат.

„Се надеваме дека овие приказни, дали преку медиумите, дали низ прозорците на институцијата, ќе допрат до луѓето кои се релевантни и се тука за да ги подобрат условите во овие фабрики каде секојдневно се прекршени човековите и работничките права“, додава таа.

Помеѓу активистките кои ги читаа сведоштвата е и средношколката Дафина Веселиновска, која е една од волонтерките на „Еквалис“.  Таа вели дека се приклучила на акцијата бидејќи смета дека работничките заслужуваат многу повеќе отколку да `рмбаат од утро до мрак цела недела, во никакви услови, во преладни простории каде што буквално не може да се преживее.

Дафина Велиновска пред Министерството за труд и социјална политика

„И тоа буквално се прави за само 100 евра месечно. Тие заслужуваат да можат да поминуваат време со своите семества, заслужуваат да можат да им овозможат пристоен живот на своите деца, да можат да им купат лекови кога се болни. Се надевам дека оваа акција ќе придонесе за ова да се смени“, нагласува Веселиновска.

Иларија Димулкова пред Министерството за труд и социјална политика

Иларија Димулкова, волонтерка во „Еквалис“, која исто така учествуваше во активистичката акција, истакнува дека иако од собирањето на приказните издадени во книгата се поминати скоро шест години,  работничките права и правата на текстилните работници не се променети и условите во кои работат се речиси исти.

„Затоа сметам дека треба да продолжат вакви активности кои ќе доведат до промена. Пред сè треба да дејствуваме за нивните права, бидејќи тие немаат глас бидејќи се плашат дека ќе бидат избркани од работа“, вели таа.

Од „Еквалис“ велат дека ќе продолжат со активистичките акции во јавниот простор, односно дека во наредните десер дена се испланирани уште две акции. Истовремено, оттаму додаваат дека на 17 мај ќе одржат акција по повод Меѓународниот ден против хомофобија, трансфобија и бифобија.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Radio MOF (@radiomof)

Ивана Смилевска