Женските филмски ликови со помалку реплики и значајност од мажите, покажува научна студија

Научна студија во која се анализирале дијалозите на ликовите од скоро 1.000 филмски сценарија, потврдила голем дел од претпоставките околу сексизмот и родовите разлики во филмската индустрија.

Користејќи компјутерски алатки за лингвистичка анализа, научниците откриле дека доколку женските ликови се одстранети од сценариото, вообичаено тоа не правело разлика во приказната, се наведува во студијата која допрва треба да се објави во научното списание „Зборник на асоцијацијата на компјутерска лингвистика“, пренесува Индепендент.

Истражувањето открива дека женските улоги биле почесто фокусирани на теми користејќи „јазик поврзан со семејни вредности“. Јазикот на мажите, пак, бил поврзан со достигнувања, додека нивните дијалози содржеле повеќе пцовки и биле поврзани со секс и смрт.

Мажите, исто така, имале и значително повеќе реплики – 37.000, во споредба со жените кои имале само нешто над 15.000. Во анализираните филмови 4.900 ликови биле машки, додека само нешто над 2.000 биле женски. Женските ликови просечно биле пет години помлади од нивните машки партнери.

„Сценаристите, свесно или несвесно, се сложуваат на воспоставените родови норми кои се вградени во нивниот избор на зборови“, вели Анил Рамакришна, една од авторките на студијата.

Анализирајќи ги сценаријата, во студијата е наведено дека се регистрирани седум пати повеќе мажи од жени сценаристи и дванаесет пати повеќе режисери од режисерки.

Во спротиставување на родовата нееднаквост, најголемо влијание имало доколку жените сценаристи присуствувале во изготвување на сценариото. Во таквите случаи, женските ликови се појавувале околу 50% повеќе во филмовите, се наведува во студијата.

Родовата пристрасност во филмската индустрија доби критики од холивудската актерка Шарлиз Терон:

„Пред 10-15 години, немаше можност да се продуцира многу материјал предводен од жени, во ниту еден жанр, само поради тоа што никој не сакал да ги прави таквите филмови“, рекла Терон при промоцијата на нејзиниот нов филм „Атомската блондинка“

„Знаете што Холивуд? Филмовите со женски главни ликови постојано заработуваат повеќе, од година во година“, посочува Меделин Ди Ноно, директорката на Институтот „Џина Дејвис“ за родови прашања во медиумите.

За да се открие колку е сексистички одреден филм, Алисон Бешдел и Лиз Валас уште во 1985 година направија тест-прашалник. За да се положи тестот потребни се три позитивни одговори на прашањата: Дали филмот има повеќе од два женски лика? Дали тие комуницираат помеѓу себе? Дали комуникацијата е околу нешто друго освен за маж?

Овој квиз, магазинот Холивуд Рипортер, го примени на најгледаните филмови од 2016-та година, утврдувајќи дека само половина од нив успешно го положиле тестот.