Жените и девојчињата со попреченост повеќе трпат семејно насилство

Во Македонија стапката на семејно родово базирано насилство врз жени и девојчиња со попреченост е повисока од оние во останатите земји во регионот и ЕУ. Тие се поподложни на родово базирано семејно насилство. Недостигаат сервиси за поддршка, кои ќе бидат пристапни и достапни, со соодветен стручен кадар за овие лица, а потребно е и да се зголеми нивната информираност каде можат да го пријават насилството и кој може да им понуди помош и поддршка.

Ова се дел од ставовите на учесниците на панел дискусија „Жени и девојчиња со попреченост-потенцијални жртви на родово базирано насилство”, што денеска се одржа во Скопје.

„Податоците со кои располагаме ни покажуваат дека стапката на семејно насилство врз жени и девојчиња е многу повисока отколку во земјите во регионот и ЕУ. Но, добрата страна е дека го имаме лоцирано проблемот и знаеме што треба да се направи. Треба да се поттикне владеење на правото, да се охрабрат жените и девојчињата и да им се понудат соодветни сервиси за помош и поддршка“, рече Бенџамин Перкс од УНИЦЕФ.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, истакна дека во минатото многу малку се зборувало и правело по прашањето за овој тип родово насилство и оти се работи овие состојби да се променат.

Тоа, вели, го налага и Истанбулската конвенција која предвидува дека сите сервиси, што ги дава државата за превенција, помош, поддршка и рехабилитација на лица кои претрпеле семејно насилство, треба да бидат пристапни и за лицата со различни виидови попреченост, специфично жени и девојки.

Претседателката на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство Елена Димушевска вели дека специјализираните сервиси, освен што се малку на број, се неприлагодени на различните попречености со кои живеат жените и девојчињата, односно се непристапни, а професионалците кои работат и даваат психосоцијална помош и поддршка не се оспособени да дадат такви сервиси за жени и девојчиња кои имаат интелектуална попреченост.

Покрај промена во овој дел, рече таа, потребно е да се зголеми информираноста на овие лица за тоа каде можат да пријават насилство и да побараат помош. Дополнителна пречка за информираноста, додава, е и тоа што тие се живеат во социјална и општествена изолација. Проблем за малото пријавување, освен неинформираноста, е и тоа што наилството врз нив го вршат оние од кои тие се економски или физички зависни.

Претставничката на УНДП, Луиза Витон, вели дека е потребно да се постапува внимателно и да се преземат мерки затоа што во овој случај станува збор за двојна дискриминација.

Голем проблем, вели Винтон, се стереотипите според кои овие жени и девојчиња според кои, тие се неспособни да мислат, дека не можат да одлучуваат за себе… Тоа, смета таа, треба да се промени и овие жени и девојчиња да ги уживаат сите права како и останатите.

Извор: МИА