Здравје пред профит во Центар: Зошто стана неопходна ревизија на ДУП-овите во општината

Планирањето на градот е исклучително комплексен процес во кој се вкрстуваат сите параметри на урбаното живеење, а грешките во планирањето се непоправливи. Стандардите и нормативите за урбанистичко планирање се базираат на наука за градот и имаат за цел да го подигнат квалитетот на живот и да го заштитат јавниот интерес, а не желбите на поединци. Жителите на Центар со години ги живеат лошите последиците од реализација на ДУП-ови во кои стандардите и нормативите за урбанистичко планирање не се почитуваат, соопштува иницијативата Здравје пред профит во Центар.

Ви го пренесуваме интегрално писмото на иницијативата за тоа „Зошто стана неопходна ревизија на ДУП-овите во Центар со одлука за нивно неспроведување или популарно кажано мораториум“:

ДУП-овите во Центар не беа во согласност со генералниот урбанистички план на град Скопје. Параметрите за планирање се некокукратно надминати;

Планирањето се насочува според интересот на инвеститорите наместо според капацитетот на просторот и сеопфатна визија за живот во град;

Прекумерното искористување на дозволените параметри на градење доведува до дехуманизација на просторот и животната средина;

Максималното градење (во спратност и габарит) повлекува низа проблеми: пренаселеност која не е во согласност со ГУП-от, надминување на капацитетите на јавните институции (градинки, школи, здравство, култура), надминување на капацитетите на инфраструктурата (недоволен паркинг простор и простор за пешаци и велосипеди, капацитет на фекална канализација);

Не се почитуваат законски регулативи од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, Законот заурбано зеленило, како и сите потребни стандарди за проектирање на објекти, заштита и безбедност;

Се надминува процентот на изграденост на ниво на парцела кој изнесува максимум 70% или 60% според законот за урбано зеленило;

Се надминува дозволената спратност на објектите, на сметка на неосветлени станбени единици;

Не се обезбедува 20% зеленило на ниво на парцела според новиот закон за урбано зеленило;

Не се испочитувани потребните пропишани минимални растојанија помеѓу соседните парцели и објекти, а со тоа се загрозува безбедноста на граѓаните во случај на природни катастрофи и пожари;

Во плановите не се заштитува земјиштето на Република Македонија како земјиште кое може да се искористи за јавен интерес – за подобрување на квалитетот на населбите со намени за јавни површини;

Мораториумот не значи престанок на развојот во Центар, туку времена одлука која овозможува да се поправат гореспоменатите пропусти, да се усогласат ДУП-овите според законски пропишаните нормативи за планирање и да се постигне оддржлив развој за подобар град.