Здрава котлина: Цијанид и сулфурна киселина ќе нема, но рудник ќе има?

Сите политичари кои учествуваат на избори со амбиција да победат, имаат кажано дека се против отварање на рудник во Иловица. Сите до еден! Од кандидати за градоначалник, парламентарни кандидати па се до кандидати за претседател на државата. Така е веќе повеќе од две години колку што трае интензивната борба против ова зло. И тука веднаш доаѓаме до клучното прашање. Кога сите се против, зошто тогаш нашата борба против рудникот трае толку долго време и како што стојат работите, ќе трае уште долго? Зошто не ја испочитат волјата на граѓаните и еднаш засекогаш не се реши проблемот со ова зло? Каква е таа црна магија која не може да се растури и не можеме да се куртулисаме од неа?!, се вели во соопштението-реакција на „Здрава котлина“. 

Реакцијата на „Здрава котлина“ ви ја пренесуваме во целост:

Зошто, сепак, од прв до последен, на сите избори, кандидатите велат дека се против рудник?

Затоа што многу добро знаат дека народот е против. Дека не сака рудник. А кандидатите мораат да го кажат она што сака да го чуе народот, нормално! Замислете само што би се случило доколку некој се осмели да каже дека е за рудник. Тоа е исто како да му поклониш победа на конкурентот. Народот нема да те гласа и нема да те изберат за фотелјата за која имаш мерак. Има ли нешто нејасно? До тука се е јасно, нели? Но зошто тогаш се уште имаме проблем со рудникот во Иловица? Кои се тие личности кои работат против волјата на граѓаните? Поради која причина тие личности работат против волјата на граѓаните? Државата ќе плаќа пенали? Милиони евра? Лага! Многу добро знаат дека нема основа за тоа.

Многу добро знаат за поминатите, истечени законски рокови од страна на Еуромакс, прекршената архуска конвенција, дека потребните документи не им се комплетирани до ден-денес, дека студииите им се делумно невистинити… и дека тој кошмар може лесно да се прекине без да има последици.

Сето тоа го знааат исто како што многу добро знаат за сите опасности и последици кои ќе се случат со отварањето на рудникот. Но сепак дозволуваат опасноста од рудникот да виси над нашите глави како демоклов меч.

Зошто? Која е причината?

Народот го знае одговорот. Народот знае дека политичарите се купени, уценети и корумпирани од бескруполозните профитери и се спремни да им го земат здравјето и иднината на жителите на струмичката котлина.

За разлика од кандидатите за избори, овие денови добивме една подруга изјава од заменик министерот за животна средина Макрадули во интервјуто за Радио Слободна Европа. Тој ни даде до знаење дека цијанид и сулфурна киселина нема да има но рудник ќе има. Тоа го изјави токму во кулминацијата на претседателските избори а дали тој факт е ароганција или дилетантизам, проценете сами. Во секој случај, добивме крајно загрижувачка вест.

Нашиот одговор до заменик министерот за животна средина е дека рудник нема да има, ниту со цијанид, ниту без цијанид. Нашата животна средина ни е премногу важна.