Заврши 12. издание на АКТО во Битола

Со настапите на бендот Land, DJ Соња Исмаил и DJ Вера Умка, во кафулето Задруга Артикултура во старата Битолска чаршија,  заврши 12 издание на фестивалот за современи уметности АКТО.

Во фокусот на ова издание беше иницијативата за ревитализирање на Офицерскиот дом како културен белег на градот Битола, а за таа цел во склоп на АКТО се одржа дебата на тема „Каков Офицерски ни треба?“. Повеќе експерти од областа на културата и културното наследство, како и битолчани ги искажаа своите замисли за обновувањето и функционирањето на домот во иднина пред претставниците од надлежните институции.

„Дебатата за Офицерскиот дом го реактуелизираше ова прашање од голема важност за битолчани и остави надеж дека долгогодишниот проблем со овој простор, оставен на немилоста на времето без соодветна заштита, конечно ќе почне да се разешува“, велат од АКТО.

Покрај дебатата како централен настан на фестивалот, АКТО и оваа година понуди разновидна програма на повеќе локации низ Битола, која вклучуваше работилници, изложби и многу настапи на македонски алтернативни бендови и диџеи.

Првиот фестивалски ден, 1 септември, отпочна со работилница за грамофони, под менторство на DJ Flooder, на која потенцијалните млади диџеи од Битола имаа можност да научат нешто повеќе околу миксањето на музика од плоча. Вечерта во Јагода, присутните во кафулето беа „изместени“ од својот комфор и вовлечени во перформансот на Здравко Стојмиров, „Зоо Приказна“ по Едвард Олби, кој актерот го изведе непосредно помеѓу присутните, бришејќи ја линијата помеѓу публиката и изведувачот. Вечерта ја заокружија DJ сетовите на Flooderm заедно со учесниците на работилницита за грамофони и Зоки Бејбе.

Во текот на фестивалот во тоалетите на мезе- бар Јагода, Радост и Задруга Артикултура, беше поставена изложба на квир фотографии „Со Окото на маргините“, која е резултат на курс по фотографија одржан под менторство на Жарко Чулиќ, Славчо Димитров и Драшко Костовски.

Вториот фестивалски ден, 2 септември имаше поинтензивна агенда. Отпочна со неколку креативни работилници за деца под мотото „Дечињата за Офицерски“, кои се одржаа во дворот на офицерскиот дом и донесоа многу позитивна енергија и задоволни дечиња.

На платото пред Јагода пак, беше поставена изложбата на постери од Зоран Кардула, „Футуристички споменици од старата Југославија“.

По дебатата следуваше доза музика и на платото пред мезе-бар Јагода настапија македонските бендови Џун и Риб. По музиката се одржа уште една  дебата, овој пат на тема продукција на музика, во студио, гаража или дома , која ја модерираше Саша Павловиќ, а учествуваа повеќе музички артисти од бендовите Lаnd, Rib, Sweet Rapscallions, June, Фолтин, Паркети, и повеќе диџеи поеѓу кои Sаso Recyd, Dejan Dex, Rikverc..

Во делот Акто за заедниците, се одржа затворена дискусија со претставник од Солун Прајд, на тема „Размена на позитивни практики за ЛГБТИ активизам на локално ниво“.

Во изложбениот простор на Магаза при НУ Завод и Музеј Битола, беше поставена групната изложба „Совршениот уметник“, на учесниците при истоимената дискурзивно едукативна програма. На изложбата со сови дела се претставија Ана Јовановска, Амир Карахасан, Анастасија Пандиловска, Марија Конеска, Немања Трајковиќ, Драган Мишев, Елена Чемерска, Наташа Неделкова, Николче Славески и Зоран Шеќеров.