#ЗапознајгиСкопјани – место за идеи, желби, критики и љубов кон Скопје

Неколкумина млади луѓе, заедничка идеја и љубов кон еден град, кој иако на моменти едвај дише, сепак има луѓе што го сакаат, и можат да најдат нешто убаво во Скопје. Од таа љубов и се роди проектот #ЗапознајгиСкопјани или како што вели координаторката Лина Иванова, ова е обид за доближување на скопјани до градот „ова се нивните чувства, доживувања, идеи, желби, сугестии за и во ова Скопје“.

Идејата е едноставна, имаат три прашања на кои бараат одговори од луѓето во градот за тоа кои се проблемите/предизвиците во Скопје, како да се подобри градот, но и како би ја опишале својата љубов кон местото во кое живеат. Потоа ги објавуваат на Инстаграм и Фејсбук, под хаштагот #ЗапознајгиСкопјани.

„Се случи на почетокот на мојата волонтерска работа во СкопјеЛаб – Центарот за Иновации на Град Скопје. Тргна од двете првични замисли. Прво, како граѓани се чувствувавме дека ретко сме прашани за нашите идеи и сугестии за местото во кое живееме. Второ, чувствувавме дека луѓето во Скопје често несвесно се насочуваат исклучиво кон негативните нешта во Скопје, заборавајќи дека има и толку многу убави спомени“, се потсетува Лина на почетоците на идејата. 

“…Го сакам Скопје, мал град е со големо срце. Сите луѓе си се знаеме меѓу себе, секој знае се за секого, знаеме кој, што и како прави. Каде и да отидеш имаш можност да си најдеш друштво, ако не за подолго тогаш барем за еднодневна “заебанција”. Има и причини поради кои не го сакам Скопје. Сиромашен е животот во било која општина и да живееш. Па и не само тука, туку на целиот Балкан. Би сакал повеќе да се внесат младите организација на разни настани. Нешто што го нема во Скопје, а го замислувам како неопходно е легализирана употреба на ѕидовите за улична уметност…” -Еден обичен хипстер . . . #zapoznajgiskopjani #запознајгископјани #скопјеживее #скопјаниживеат

A post shared by #Запознајгископјани (@zapoznajgiskopjani) on

И така, без многу размислување неколку луѓе „скокнале“ во проектот.

„Ќе бидам искрена кога ќе кажам дека на почетокот бев сама, но веднаш знаев дека кога ќе им раскажам на другарките ќе направиме тим и ќе работиме заедно. И тоа се случи, се собравме, си поделивме обврски и почнавме. Малку е тешко да кажам кој за што е задолжен, бидејќи цело време сите правиме сé. Најблиску до организациската поставеност би било – Мила Поповска и Јана Деловска се задолжени за фотографирањето, Калина Дуковска е PR и ги лекторира текстовите, Катја Кочишки ги зема и пишува изјавите, и постира, а јас правам сé – буквално од менаџирање и подготовка на извештаи и предлози, сликање, пишување на постови, постирање… Ова е проект во кој иако волонтерски сепак вложуваме многу енергија и љубов. Ова е нашата шанса да го претставиме убавото Скопје и неговите скопјани. Ова е нашата шанса да го промениме можеби овој град во уште поубаво место за жиеење“, смета Лина.

Од проектот научиле и се уште учат многу за градот и неговите жители, за кои вели дека се необични, несекојдневни, различни, но навистина интересни луѓе. Но, забележува, не се луѓе кои многу сакаат да се сликаат. Тука им бил и главниот проблем.

„На почетокот не знаевме како да пристапиме, беше некако чудно. Како да ги прашаме и извлечеме нивните идеи и желби за Скопје? Како да дознаеме што лежи позади “фасадата”? Од другата страна пак, тие не гледаа со внимателни очи, понекогаш зачудено но понекогаш и изненадено, возбудено, полни со гордост. Ние бевме едноставно непознати луѓе кои наеднаш сакаат да ве фотографираат и да ја дознаат вашата приказна. Можеби за најтежок момент ќе го изберам оној кога соопштувавме дека ќе ги фотографираме. Добивавме коментари од типот: „…Ауу нема шанси, не не ние само изјава ќе ви дадеме, јас не сум за сликање, ние сме стари нема да испаднеме убаво…“ и сл. И овие потешкотии до ден денес после повеќе од 50 објави ги имаме“, открива Лина.

„… Го сакаме Скопје, тука сме родени, израснати, остарени.. Скопје е нашиот роден град . Иако сме виделе доста работи сакаме нешто ново. Некои нови убави градби, музеи, нешто интересно. Ние не се движиме многу и тешко е да кажеме што да се промени, но имаме желби да има повеќе клупи каде што ќе можеме да седнеме, повеќе корпи за отпадоци, повеќе дрва и вакви паркови. Ние сме стари баби, скопјанки…“ -Љупка и Љубинка . . . #zapoznajgiskopjani #запознајгископјани #скопјеживее #скопјаниживеат

A post shared by #Запознајгископјани (@zapoznajgiskopjani) on

Во моментов главен фокус им е Скопје, но не ја исклучуваат можноста да прошетаат и низ останатите граови на Македонија во потрага по невообичаени луѓе, приказни и идеи. Важно им е овие приказни да допрат до надлежните и можеби нешто навистина да променат во нечиј живот или во Скопје.

Затоа неодамна ја почнаа кампања „Земи си што ти треба од прекрасното Скопје“, за да ги запознаат скопјани со нивната идеја и полесно да допрат до приказните.

Нивните флаери со различни пораки ги има на повеќе локации во Скопје, на автобуски постојки, кафулиња и ресторани, јавни простори, паркови.  Пораките се пишувани со една цел, да разбудат нечија меморија, да направат некого среќен, да поттикнат на размислување и на барем една насмевка.

Да, ова го правиме апсолутно волонтерски и во тоа би рекла е најголемата убавина. Го правиме бидејќи сакаме да останеме во овој град, бидејќи имаме убави спомени и бидејќи длабоко веруваме дека во него живеат прекрасни луѓе“, вели Лина.