Закажана и трета изведба на Монти Пајтон Спамалот во Скопје

Огромниот интерес на македонската публика за бродвејскиот хит-мјузикл Монти Пајтон Спамалот придонесе да се закаже и трета изведба на претставата, на 29-ти ноември во Македонската опера и балет.

Претставата ексклузивно гостува на Таксират Фестивал. Билетите за третата изведба се веќе достапни во продажба преку продажната мрежа на МКтикетс и онлајн.

Музичката комедија базирана на филмот „Монти Пајтон и Светиот Грал“ првпат ќе биде одиграна пред македонската публика во изведба на ансамбл од Србија. Мјузиклот „Спамалот“ во Скопје доаѓа со импресивна актерска и танчерска екипа: српската актерска легенда Никола Којо, кој по 20 години се враќа под театарското светло преку ликот на Крал Артур, но и Никола Ѓуричко, Срѓан Тимарев, Гордан Кичиќ, Дејан Луткиќ, Мирољуб Турајлија, Иван Марковиќ и славната Јелена Јовичиќ која неодамна ја восхити македонската публика и со главната улога во мјузиклот „Мама Миа“. Како режисер на мјузиклот се потпишува Радослав – Рале Миленковиќ.