Загрепскиот пијано квинтет на „Охридско лето“

Програмата на годинашното 57. издание на Фестивалот „Охридско лето“ продолжува со понудата од музичкиот дел, со концерт на Загрепскиот пијано квинтет што ќе се одржи вечерва од 20:30 часот во „Света Софија“.

Уметниците Алина Губајдулина на виолина, Хрвое Филипс на виола, Никола Јовановиќ, на виолончело, Илин-Диме Димовски на контрабас и Федерико Ловато на пијано ќе изведуваат избрани дела за квинтет на Јозеф Лабор и на Херман Гец.

Виолинистката Алина Губајдулина е родена во Молдавија, а од 1998 година живее во Хрватска. Таа завршува музичко училиште во Сплит и дипломира на Музичката академија во Загреб во класата на проф. Л. Сороков. Губајдулина е добитничка на повеќе награди и признанија, а како солист настапува со Загрепската филхармонија, со оркестарот на операта во Сплит, со Сплитскиот и со Хрватскиот камерен оркестар. Соработува со бројни ансамбли и оркестри во Хрватска и надвор од неа и настапува на значајни меѓународни фестивали.

Хрвое Филипс дипломира и магистрира во класата на Анте Живковиќ на Музичката академија во Загреб. Од 1997 година е соло-виолист на Хрватскиот национален театар во Загреб, а
настапува и со ансамблите Загрепски солисти и Загрепски квартет. Од 2004 година е соло-виолист на Симфонискиот оркестар на Хрватската РТВ.

Виолончелистот Никола Јовановиќ е роден во Белград каде го започнува музичкото образование и се запишува на Музичката академија. По успешниот приемен испит, студиите ги
продолжува на Високата школа за музика во германскиот град Детмолд во класата на познатата челистка Ксенија Јанковиќ каде и дипломира, а во 2015 година го завршува и
третиот и најсложениот степен на студии за концертен солист за кој добива највисоки оценки и почести. Во текот на школувањето и студиите тој е добитник на бројни награди и признанија, како и на стипендии кои му овозможуваат да се усовршува со некои од најпознатите солисти во светот како Гернигас, Гутман, Диндо и многу други.