„Заедно за интернет без омраза“ – отворен повик за млади за учество во работилници

УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија објавија отворен повик за деца и млади насловен „Заедно за интернет без омраза“.

Заинтересираните можат да се приклучат на повикот кој се фокусира на работилници и комуникациски иницијативи за справување со онлајн насилството и говорот на омраза на интернет.

Организаторите нагласуваат дека според неодамнешното истражување на UReport дури 24% од младите барем еднаш се почувствувале небезбедно на интернет во последната година.

Оттука, тие посочуваат дека колку е важно отворено и постојано да зборува на оваа тема и да се  заштитат младите луѓе, но и да им покаже како да се изборат со заканата.

„Главна цел на иницијативата е да ги вклучи младите и да им даде знаење како да започнат со промената.
Преку работилници за заедничко креирање со поддршка од професионалци од областа на комуникации, медиумска писменост, заштита на децата, како и стручњаци за нови технологии и креатори на мултимедијални содржини, децата и младите што ќе бидат одбрани преку овој отворен повик ќе се осврнат на проблемите, ќе научат како да се справат со нив и ќе создадат кампања за подигање на свеста на нивните врсници и на целата јавност“, истакнуваат од УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком Македонија.

Работилниците ќе се организираат во мај и на нив можат да се пријават сите млади на возраст од 14 до 19 години, со пополнување на формуларот за учество.