Фудбалските ѕвезди и инфлуенсерите добиваат забрана да рекламираат коцкање во Велика Британија

Фудбалерите, славните личности и инфлуенсерите на социјалните медиуми нема да смеат да рекламираат коцкање според новите правила кои се носат во Велика Британија.

Од октомври, компаниите кои се бават со коцкање нема да смеат да користат ѕвезди со кои ќе рекламираат производи на лица под 18 години, велат од Комитетот за рекламни правила. Според овие новини, било кои славни личности, кои се популарни кај младите нема да смеат да се појавуваат во реклами за оваа дејност.

Дополнително се забранува во овие реклами да се прикажуваат дресови на фудбалски тимови, стадиони или пак содржини од видеоигрите популарни кај младите под 18 години.

„Нема повеќе фудбалски ѕвезди или други славни спортисти кои ќе ги промовираат последните коефициенти за обложување. Нема повеќе инфлуенсери на социјалните мрежи, телевизиски ѕвезди или други славни личности популарни кај децата да повикуваат да се обложите на „црвено“. И нема повеќе реклами за коцкање со слики од видеоигри или други содржини познати кај многу деца“, вели Шариа Купал, директорот на Комитетот за рекламни правила.

Новите правила велат дека рекламите за коцкање и лотарија не смеат „да бидат привлечни за децата или младите, особено преку нивно поврзување со младинската култура“.

Поранешниот англиски фудбалер, Пол Мерсон, кој и самиот бил зависник од коцкање, минатиот месец за Би-Би-Си изјавил дека „му се гади кога гледа поранешни фудбалери и тренери во реклами за коцкање“.

Во Велика Британија постои гласно спротивставување на рекламите за коцкање меѓу дел од политичарите, родителите и активистички групи кои ја подигнуваат свеста за зависноста од коцкањето.

Во изборната програма на Конзервативната партија од 2019 година имаше ветување за целосна промена на законите кои го регулираат коцкањето.