Забранета е работата за фабриките од текстилната и кожарската индустрија во Општина Штип за време на викендот

Главниот координативен кризен штаб го прифатил барањето за воведување забрана за работа, односно, забрането е издавањето дозволи за работа за време на викендот за фабриките од текстилната и кожарската индустрија на подрачјето на Општина Штип.

Ваквата одлука на својот Фејсбук профил ја објави претседателката на здружението „Гласен Текстилец“ Кристина Ампева која упати апел до сите кои се повикани на работа, освен тие кои треба да се тестираат, да пријават до Општинскиот кризен штаб, Трудовиот инспекторат, Хелсиншкиот комитет или здружението „Гласен Текстилец“.

Штип се најде во друштвото на повеќе градови каде забраната за движење, односно полицискиот час, почнува денеска во 21 часот и ќе трае до понеделник во 5 часот. Досега во Штип се дијагностицирани вкупно 111 лица со новиот коронавирус, додека бројката на активни случаи изнесува 76.

Претходно, од „Гласен Текстилец“, заедно со Хелсиншкиот комитет за човекови права, преку соопштение остро реагираа на најавите дека повеќе текстилни фабрики во Штип ќе работат за време на полицискиот час во викендот што следи.

Оттука, тие побараа дека поради заштита на здравјето и животот на текстилните работнички, а во насока на превенција и справување со ширењето за вирусот, Владата да воведе целосна забрана за работа на текстилните фабрики во Штип за време на полицискиот час.

Хелсиншкиот комитет за човекови права и „Гласен текстилец“ бараат забрана за работа за време на полицискиот час