За утре е најавен протест против измените на Кривичниот законик пред Владата

Протест против измените на Кривичниот законик е најавен за утре (понеделник) пред Владата во 18 часот преку социјалната мрежа Фејсбук.

Во најавата за настанот кој се шири на социјалната мрежа, се повикуваат сите студенти, професори и граѓани да се приклучат на протестот.

„Како студенти кои се запишале на правните факултети во Македонија, не можеме да останеме рамнодушни на постојаната тенденција и постапки кои водат до целосно упропастување на правниот систем. На Македонија и е потребна нова, некорумпирана генерација правници. Но страв ни е дека додека ние, како актуелни студенти, стасаме до позиции на правораздавачи – правдата ќе стане мисловна именка. Чашата ја прелија новите брзи, нетранспарентни измени на Кривичниот законик. Затоа не можеме да бидеме тивки како студенти кои решиле да останат во Македонија и да се борат за правда во оваа држава“, се додава во најавата за протестот.

Оттаму велат дека е доста од злоупотреба на европското знаме, и како што додаваат, затоа бараат и сметаат дека е нужно некој конечно да одговара за фалсификувањата.

„Доста е од користење и урнисување на правото и законите за лични, политички интереси! Бараме правдата да ги стигне сите оние кои допринеле до огромната недоверба во правниот систем“, се посочува во најавата на протестот.

Инаку, на 6 септември, Собранието со 48 гласови „За“, 36 „против“ и еден воздржан ги донесе измените на Кривичниот законик со кои се предвидува намалување на затворските казни за злоупотребата на службената должност и злосторничко здружување и отвора можност за побрзо застарување на делата.

Законските измени беа изгласани по скратена постапка, со европско знаменце и во несекојдневно брз процес.

Собранието изгласа да се намалат казните за злоупотреба на службената должност и злосторничко здружување