Активисти блокираа пат на канадски остров за да спречат сеча на прастари дрва

Стотици активисти поставија бокади на патиштата кои водат до шумата на островот Ванкувер во обид да спречат сеча на последните џиновски прастари дрва преостанати во канадската провинција Британска Колумбија.

Тие тврдат дека на локацијата на која се врши сечата, во местото наречено Фери Крик, преостанати се последните 3% од овој вид на дрва и бараат итен мораториум на нивната сеча од властите.

„Фактот е дека ако сакаме нашата Планета да биде одржлива ние мораме да ги заштитиме овие екосистеми“, вели Овен, еден од активистите кои 24-часа го блокираат пристапот до шумата за Гардијан.

„Доколку не ја спречиме сечата сега, за три до пет години нема да има преостанато ниту едно од овие стари дрва“, додава 17-годишниот Џошуа Рајт, режисер кој е вклучен во организација на протестите.

Во меѓувреме од шумските компании и власта велат дека сечата мора да продолжи бидејќи во спротивно голем број луѓе од оваа индустрија ќе останат без работа и егзистенција.

Вработените од компанијата „Тиал Џонс Груп“ која ја врши сечата претходниве денови на активистите им врачиле судска наредба да ги растурат блокадите. Тие велат дека нивните планови за сеча во Фери Крик биле презентирани во лошо светло и дека дрвата кои сакаат да ги сечат се клучни за стотици работни места.

„Поголемиот дел од Фери Крик е заштитен шумски резерват или терен кој не е погоден за сеча. Нашиот план е да се исече само мал дел од шумата. Компанијата ги врши работите со голема внимателност и секое дрво го обработува токму овде, во Британска Колумбија“, објаснува заменик претседателот на компанијата, Гери Коце.

Џиновските прастари дрва се „скелетот“ на крајбрежните дождовни шуми во умерените подрачја. Активистите велат дека да се гледа на нив само како на убави нешта е погрешно, бидејќи во овие дрва се наоѓаат цели екосистеми.

Оваа ситуацијата потсетува на „војна во шумите“, протест од 1993 година кога во место во близина 1000 луѓе биле уапсени поради слични блокади на патиштата по кои се движи шумската механизација во настан кој се смета за најголем акт на граѓанска непослушност во историјата на Канада.

Фотографиите се преземени од Фејсбук групата „Фери Крик блокада“.