„Youth festival“ денес и утре во Дом на млади – Штип

Под отворено небо во Дом на млади – Штип за денес и утре (30 април и 1 мај) се најавени два различни музички целодневни настани, споени заеднички како дводневен фестивал „Youth festival 2018“.

Во Домот денеска од 16 часот е најавенo првото издание на „We call it…Techno“ во организација на „Happy People“.

„Ова издание доаѓа со исклучително познати имиња од интернационалната и добро познатата домашна техно сцена.  На едно место ќе ги собереме најдобрите артисти кој ќе се погрижат за одличната забава од пладне до раните утрински часови. Со големо задоволство ви го најавуваме добро познатиот артист и продуцент Christian Craken кој ќе биде дел од оваа незаборавна фестивалска вечер“, стои во најавата за денешниот настан.

Исто така, најавени се и Punisher, Lesya, Cvetanski, Ballacroz, Articulatee, Ninno Mancini и Nennat Omen.

Вториот ден е резервиран за психоделичниот „Армакеддон Фестивал“, кој на 1 мај се враќа по трет пат во Штип. Организаторите Active Meditation Music потенцираат дека го одбрале Дом на млади како локација каде има отворена сцена, но и затворен простор во случај на дожд кој спречи неколку журки на отворено последниве неколку години.

„Одлична музика од најдобрите македонски артисти, место за кампување, храна и пијалоци, жонглери и перформанс со огин, визуелна уметност, и сето тоа по пристапни цени за нашата хипи публика!“, велат организаторите.

За фестивалот кој започнува од 12 часот се најавени десетина  артисти, продуценти и диџеи од психоделичната транс сцена, меѓу кои и Demoniac Insomniac, сопственик на издавачката Active Meditation Music, Blisargon Demogorgon од Bhooteshwara Records, потоа Seth, Fobi, Micromoment, Extrasensory Perception (ESP), но и Selprohal, кој е дел оd Phoelynx колективот од Битола.

Исто така, свои сетови ќе имаат и Ra’s al Ghul и D.Elf, а аудиториумот ќе има можност да го слушне и колаборацискиот Cosmos Disorder на Seth и Demoniac Insomniac. Специјален перформанс со огин ќе има групата Acid Tripple од Битола, додека за УВ-декорот е задолжен Afadrenalin.