Втор ден од „Сон за бел ДримОн“

„Под слоганот Dreaming of a white DrimON (Сон за бел ДримОН) овој петок, Здружението за културе ИНКА и публиката ќе се греат со опуштена и богата културна програма во која различните генерации ќе можат да одберат од целовечерната пoнуда: изложба, или претстава, или концерт, или дј сетови. Или се’ заедно“, стои во соопштението за снежниот, втор настан од Офф програмата на летниот ДримОн фестивал.

Прогласена за најдобар студент на генерација, ликовната уметница од Струга, Викторија Попоска, е наградена со стипендија за изложба. Резултат на тоа, информираат од ИНКА, е првата самостојна изложба „Запознавање“ која после Музеј на Град Скопје, ќе има свое претставување и на домашната сцена. Публиката ќе може да ја погледне изложбата во Галерија Коџоман, а отварањето е во 20 часот.

Во 21 часот, на меѓусцената од Центар за култура „Браќа Миладиновци“ граѓаните ќе можат да го погледнат моноспектакалот или сатиричната турболенција „Писма од земјата на Никола Тодороски.

„За младите и тие што се чувствуваат млади, ќе има целовечерна музичка програма со концерт на Fighting Windmills и Дј сетови. Fighting Windmills се најдобрата работа што можете да ја најдете во некоја визба во Драчево. Две гитари, кларинет, бас и тапани што прават инструментална музика која што звучи баш како што не им доликува на академски образовани музичари. Ги слушаме со целовечерен концерт од 22 часот Забавата ќе продолжи со дј сет на Maggie (BTKRSH / Code XX) Скопје и Струшкиот Дј Боби. Локација – фоаје Ц.К. Браќа Миладиновци, Струга“, стои во повикот за денешниот настан.