„Враќање на граѓанскиот простор“ – Ден на граѓанските организации и социјалните претпријатија

Под мотото „Враќање на граѓанскиот простор“, на 24 септември ќе се одржи петтиот фестивал на „Цивика Мобилитас“, односно Ден на граѓанските организации и социјалните претпријатија.

Посетителите ќе можат да го поминат денот со околу 100 граѓански организации во паркот пред Дом на АРМ, зад музејот „Мајка Тереза“.

Од „Цивика Мобилитас“ посочуваат дека овогодишното издание на фестивалот е организиран во соработка со Центарот за социјални претпријатија.

„Заедно, апелираме за ‘враќање на граѓанскиот простор’. Заедно ќе го исчистиме и уредиме просторот, ќе разговараме, ќе дебатираме, ќе учиме едни од други, ќе се забавуваме и ќе се дружиме. Заедно, ќе им го поклониме просторот на граѓаните за да продолжат во него да разговараат, дебатираат, разменуваат искуства и идеи затоа што тие заслужуваат чист, уреден и убав простор“, велат организаторите.

Оттаму посочуваат дека присутните на настанот ќе имаат можност да слушнат и видат што направиле граѓанските организации, за што се залагаат, што промениле до сега, а за што им е потребна помош.

„Можеби ќе ве инспирираат и ќе ве мотивираат да бидете дел од граѓанскиот активизам. Можеби ќе сретнете луѓе со слични каузи како вашите, можеби така некои од проблемите ќе стигнат до решенија“, додаваат од „Цивика Мобилитас“.

Програмата е најавена да започне во 10 часот наутро, а ќе трае до 16 часот. Сите настани во рамки на програмата се бесплатни.