Володимир Зеленски заедно со „Духот на Украина“ е личност на годината според Тајм

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и „Духот на Украина“ се прогласени за личност на годината според магазинот Тајм.

Според уредниците на магазинот, изборот оваа година бил еден од најлесните во поновата историја – без оглед на тоа дали војната за Украина некого исполнува со надеж или со страв.

„Володимир Зеленски го размрда светот на начин кој не сме го виделе со децении. Во првите недели откако руските бомби започнаа да паѓаат на 24 февруари, неговата одлука да не избега од Киев и да почне да собира поддршка беше судбоносна. Од неговиот прв Инстаграм пост од 40 секунди на 25 февруари, во кој покажа дека неговиот кабинет и граѓанското општество е нечепнато и функционира, до дневните говори кои ги држеше онлајн пред парламенти, Светската Банка, Греми наградите. Украинскиот претседател беше насекаде. Неговата информациска офанзива го промени геополитичкиот временски систем, предизвикувајќи бран акции низ целиот свет“, велат од Тајм за нивната одлука.

По ваквите негови потези светот зазеде страна и се обедини околу оваа негова кауза. Во Обединетите Нации 141 држава ја осудија инвазијата, а само Северна Кореја, Сирија, Еритреја и Белорусија гласаа во поддршка на Русија. Голем број светски корпорации излегоа од Русија, а во Украина започнаа да доаѓаат поддршка во пари, материјали, хуманитарна помош и воени средства. Странските држави примија милиони бегалци, докторите се упатија да помагаат на повредените, додека украинското знаме се појави на култни споменици од едниот до другиот крај на светот.

Но, покрај Зеленски, Тајм признанието го даде и на „Духот на Украина“, односно украинските граѓани кои беа во средиштето на сите овие настани.

„Многу од нив се бореа далеку од боиштата. Како Ивген Клопотенко, еден од најпознатите украински готвачи, кој обезбедуваше повеќе од илјада бесплатни оброци дневно за бегалците во Лавов во првите недели по инвазијата. Д-р Дејвид Нот, хирург од Велс, кој неколку пати отпатува во Украина за да ги обучи локалните лекари како да третираат воени рани. Јулија Пајевска, медицинска сестра која лекуваше ранети цивили деноноќно во опколениот Мариупол. И се` ова додека новинарите ги ризикуваа нивните животи за да ги раскажат овие приказни“, напишаа од Тајм.