Во сабота се организира планинарската тура „Гушкање на Галичица“

Црвен крст Охрид и Здржението за велосипедизам, планинарење и еко култура З’Ш, во сабота на 27 февруари, ќе организираат еднодневна планинарска тура на планината Галичица под мотото „Гушкање на Галичица“. Планинарската тура се организира во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на ретки болести (29 февруари), а како поддршка на интернационалната кампања под мотото „Прегрни ја реткоста! Прегрни за Гинис!“.

„Со овој настан, во името на сите лица со ретки болести, кои во потрага по лек пропуштиле многу прегратки и насмевки, сакаме да ја подигнеме свеста во јавноста за предизвиците со кои се соочуваат луѓето со ретки болести. Бидете дел од овој атрактивен настан од кој ќе произлезат уникатни фотографии на прегратки направени на надморска висина од 2000 метри и кои ќе бидат објавени на онлајн албумот hugforrare.com  со  што ќе учествуваме во создавање на Гинисов рекорд во број на собрани фотографии од прегратки, велат организаторите за Ohrid news.

Тие објаснуваат дека на планинарењето се добредојдени сите оние кои се чувствуваат писхофизички способни и поседуваат стандардна планинарска опрема за искачување на планина. Поддршка на групата ќе бидат членови на Единицата за спасување на планина и непристапни терени при Црвен крст Охрид.

Поаѓањето е во 9:30 часот од Спасителната станица на Црвен крст Охрид кај местото Липова ливада (1650 мнв)-превој на планината Галичица.