Во Холандија ќе се создадат првите домови направени со 3Д печатење

Холандскиот град Ајндховен ќе биде првиот во светот во кој ќе се прават домови со 3Д печатач.  Од првите пет нови куќи што ќе бидат достапни за изнајмување следната година, најмалата, со две спални, веќе привлече апликации од 20 заинтересирани семејства, само една недела откако беа објавени сликите, јавува Гардијан.

Познат како „Проект Мајлстоне“, иновацијата според холандската градежна компанија Ван Вијнен може да понуди решение за недостатокот на квалификувани ѕидари во Холандија. Методот исто така ќе ги намали трошоците и штетата врз животната средина со намалување на количината на цемент кој се користи, рече Руди ван Гурп, менаџер во фирмата која работи во соработка со Универзитетот за технологија во Ајндховен.

3Д печатачот што се користи е во суштина огромна роботска рака со млазницата од која се излева специјално формулиран цемент, кој има текстура на шлаг.

Бетонот се „отпечатува“ според дизајнот на архитектите, преи што се додава слој по слој за да се создаде ѕид со поголема отпорност.

„Ние немаме потреба од калапите кои се користат за создавање куќи направени од бетон, така што никогаш нема да користиме повеќе бетон отколку што е потребно“, вели Ван Гурп.

Употребата на 3Д печатење дополнително ја отвора можноста за поставување на безжични сензори директно во ѕидовите на куќите, за да му овозможи на домот да биде целосно “паметен”, и сам да го вклучува потребното осветлување, греење и безбедносни контроли.

Дизајнерите пак стилот на овие домови го опишуваат како  „непредвидливи блокови во зелениот пејзаж“.

Ван Гурп пак вели дека убавината на 3Д печатењето е во тоа што луѓето ќе можат да изградат домови кои ќе одговараат на нивните сопствени вкусови.

„Ми се допаѓа изгледот на куќите во моментот, бидејќи ова е иновација со многу футуристички дизајн”, рече Ван Гурп. „Но, ние веќе се обидуваме да направиме чекор понатаму и луѓето ќе можат да ги дизајнираат своите домови и потоа да ги отпечатат. Луѓето ќе можат да направат домови да одговараат на нив, да ги персонализираат и да ги направат естетски попријатни “.

Ван Гурп рече дека верува дека употребата на 3Д печатари во изградбата на домови ќе стане “мејнстрим” во следните од пет години.

„Мислам дека дотогаш околу 5% од домовите ќе бидат направени со употреба на 3Д печатач. Во Холандија имаме недостиг на ѕидари и луѓе кои работат надвор и затоа нудиме решение за тоа“.

„На крајот ќе биде поевтино од традиционалните методи. Ставањето тули станува се поскапо“, додава менаџерот.

Петте домови – кои се градат последователно во шума во областа Мерховен, блиску до аеродромот Ајндховен – ќе бидат завршени до средината на 2019 година. Тие ќе бидат изнајмени од страна на компанијата за недвижнини Вестеда.

„Мораме да ги добиеме дозволите и куќите да бидат изградени во согласност со сите холандски регулативи за домување”, рече Ван Гурп.

Запрашан дали ќе живее во едно од домовите, вели: „За првата куќа веќе имаме 20 кандидати , по само една недела откако ги ставивме сликите на нашата веб страница. Имам три деца, па така првиот ќе биде премногу мал за нас. Но, да, би живеел во најголемата куќа“.

Универзитетот за технологија во Ајндховен е пионер во 3Д печатење со користење бетон. Минатата година југоисточниот град Гемерт го отвори првиот мост во светот направен со 3Д печатач креиран од универзитетот.