Во Бугарија уапсен Игор Спасов, убиецот на Мартин Нешковски – во тек е постапка за негова екстрадиција

Осудениот за убиството на Мартин Нешкоски, тогашниот полициски службеник Игор Спасов вчера е уапсен во Бугарија и моментално се чека негова екстрадиција во земјава, потврдија од Министерството за внатрешни работи (МВР) за Радио МОФ. Оттаму велат дека веќе е известено Министерството за правда и дека екстрадицијата е сега во нивна надлежност.

Како што потенцираат од МВР, властите во Бугарија постапиле по распишаната меѓународна потерница за Спасов.

Спасов беше осуден на 14-годишна затворска казна за убиството на Нешковски за време на прославата на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, на парламентарните избори на 5 јуни 2011 година.

По него се трагаше од октомври 2019 година, кога тој не се вратил во затворот „Идризово“, откако претходно беше пуштен поради здравствени причини. Првенствено, тој се бараше со национална потерница, а потоа за него беше распишана и меѓународна потерница.

Него му остануваа уште 7 години и 3 месеци за доиздржување на затворската казна.