Властите на Еквадор ги укинуваат дополнителните безбедносни мерки за Асанж

Властите на Еквадор денес соопштија дека ќе ги укинат дополнителните мерки за безбедност во амбасадата во Лондон, каде што се наоѓа основачот на Викиликс, Џулијан Асанж. Мерките беа воведени од претходната влада на Рафаел Кореа.

Претседателот Ленин Морено наредил итно повлекување на дополнителните безбедносни мерки во амбасадата на Еквадор во Лондон, соопшти неговата канцеларија додавајќи дека таа амбасада отсега ќе имаа слични безбедносни мерки како и останатите во светот.

Морено реагирал на написот на весникот Гардијан, кој ја пренесе истрагата на Фокус Еквадор според кој Владата на Еквадор покрај засолниште, исто така, го шпионирала Асанж.

Асанж (46) се наоѓа во амбасадата во Лондон од јуни 2012 година за да избегне екстрадиција во Шведска, поради обвинение за силување и сексуална злоупотреба, кои тој ги негира.