Владата прогласи кризна состојба во следните 30 дена поради пожарите

Владата на денешната 95-та седница донесе одлука за прогласување кризна состојба во цела држава во траење од 30 дена. Одлуката се носи поради потребата од рационално користење на националните ресурси и координираното дејствување на сите засегнати институции, заради зголемената појава на пожари и спречување на нивно ширење.

„Одлуката е на предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување  со кризи, чии членови на седницата која се одржа на 4.8.2021 година во попладневните часови го прифатија  предлогот на Групата за процена за утврдување на постоење на кризна состојба на територијата на Република Северна Македонија заради зголемена појава на пожари“, се вели во владиното соопштение, во кое се дополнува дека за одлуката, ќе се извести претседателот Стево Пендаровски и Собранието.

Владата ќе му предложи на Претседателот да вклучи дел од припадниците на Армијата во справување со кризната состојба.

„Главниот штаб при Центарот за управување со кризи (ЦУК), веднаш да започне подготовка на акциски план за превенција и справување со пожарите, како и целосен преглед на расположливи човечки и материјално-технички ресурси и план за координирано дејствување. Министерството за внатрешни работи, Армијата на Република Северна Македонија, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување и Министерството за здравство со сите останати засегнати државни институции, како и единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија да ги стават на располагање сите расположливи капацитети и ресурси кои можат да се стават во функција за справување со кризната состојба“, информираат од Влада.

Оттаму го задолжија Главниот штаб при ЦУК да определи лице за односи со јавност, кое на дневна основа ќе ја известува јавноста во врска со превенцијата и справувањето со пожари на територијата на цела држава.

Кризна состојба се прогласува при ризици и опасности кои можат да ги загрозат добрата, здравјето и животот на луѓето и животните и безбедноста на државата, за чија превенција или справување е потребна употреба на поголем обем на ресурси.

Законот и овозможува на Владата да донесува oдлука за употреба на ресурсите на органите на државната управа, органите на општините и на Градот Скопје, како и за управување со нив во случај на кризна состојба. Во случај на кризна состојба можат да се употребат и ресурсите на јавните претпријатија, установи и служби, како и на трговските друштва кои се од посебно значење за работа во кризна состојба, во согласност со закон.