Владата ќе лови лажни вести за време предреферендумскиот молк

Владата во 48-те часа од референдумскиот молк, кој започнува од ноќеска на полноќ, најави дека ќе реагира на секоја лажна вест, дезинформација или полувистина која ќе ја забележат, со цел граѓаните да не бидат изложени на манипулации, најави портпаролот на владата Миле Бошњаковски.

Тој потенцираше дека за време на кампањата имало нагласено присуство и ширење на дезинформации и говор на омраза, што претставува длабоко поткопување на демократските процеси, ширење дискриминација на штета на граѓаните и дискредитација на институциите. Бошњаковски напомена дека владата е целосно свесна дека просторот на социјалните медиуми е изложен на креирање лажни вести и дезинформации за манипулација на граѓаните во земјава.

„Имајќи ја во предвид штетата врз јавниот интерес која може да настане од лажна пропаганда во текот на референдумскиот молк, владата најавува дека нема да дозволи граѓаните да бидат изложени на лажни вести. Ќе ги проверуваме фактите и ќе ги презентираме пред граѓаните. Во текот на референдумскиот молк, секоја објава, која ќе биде детектирана како лажна, или дека е дезинформација или полувистина, ќе биде соодветно идентификувана и ќе биде објавено дека е неточна на официјалните комуникациски канали на владата, на твитер профилот @portparolVRM и на официјалната фејсбук страница @VladaMK“, рече Бошњаковски.

Од владата апелираа до граѓаните сите вести и информации за време на молкот да ги примаат со посебно внимание, да ги анализираат изворите на информации и да прават двојна проверка на секоја вест која им изгледа невообичаено или сензационалистички.