Владата ќе ги покрие долговите за режиски трошоци на повеќе студентски домови

Владата на Република Македонија на 43. седница донесе одлука за доделување финансиски срeдства на повеќе државни студентски домови за да се надоместат долговите и преостанатите режиски трошоци до крајот на годината.

Владата го утврди и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за полиција и донесе одлука да го достави до Собранието на Република Македонија. Со предлогот,  меѓу другото, се предвидени измени кои ја ограничуваат употребата на средствата за присилба кои може да се употребат кон група, како што се физичка сила, полициска палка, електричен парализатор, хемиски средства, гумен пиштол, службени кучиња, специјални возила за јавен ред и мир и пиротехничко-експлозивни средства.

„Предлог-измените тргнуваат од недореченостите кои се однесуваат на дискреционото право на полициските службеници при примената на овие средства за присилба и од недостигот на одредби со кои се уредува рангот на полициски службеник кој ја одобрува употребата на наведените средства за присилба. Во анализите се укажува и на потребата од додефинирање на начинот, условите и ситуациите на употреба на електричниот парализатор и гумените куршуми“, соопшти владината прес-служба.

Исто така, со предлог-измените се препорачува доуредување на материјата за користење на средствата за присилба со јасно утврдени процедури и правила, траење и интензитет на користењето, ограничување кога може да се користат, како и мерки за претпазливост и заштита на здравјето.

Врз основа на согледувањето на наведените забелешки, Министерството за внатрешни работи изврши соодветно содржинско и концептуално доуредување на законската материја, по што се очекува хармонизирање на наведената содржина со меѓународните стандарди.

Исто така, на предлог на  Министерство за транспорт и врски Владата донесе одлука за изменување на Уредбата за висината на цената на градежното земјиште сопственост на Република Македонија и висината на посебните трошоци за спроведување на постапките за отуѓување и давање под закуп.

„Со предложените измени се намалува висината на цената по кои се отуѓува градежното земјиште сопственост на Република Македонија со непосредна спогодба за  А3 – групно домување за реон 5 и реон 6, и таа ќе изнесува 70,00 денари, за разлика од досегашните цени, кои за овие реони изнесуваа од 1.600,00 до 400 денари за населено и воннаселено место, во различни општини“, соопштија од Владата.

Целта на ова намалување на цената на градежно земјиште во сопственост на Република Македонија е да се стимулира изградбата на објекти за групно домување, со социјална компонента како што се домови за пензионери, градинки, ученички и студентски домови и слично.